Претседателските избори во земјава ќе бидат одржани на 24 април, а евентуалниот втор круг ќе биде на 8 мај, заедно со парламентарните избори. Претседателот на Собранието Јован Митрески вчера ги распиша седмите претседателски и 11-те парламентарни избори, кои годинава се одржуваат во редовниот термин.
-Верувам дека во изборниот период што претстои, сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес, на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија, порача Митрески по распишувањето на изборите.
Република Северна Македонија, во последните изборни процеси, нагласи Митрески, покажа дека има капацитет да
Претседателските избори во земјава ќе бидат одржани на 24 април, а евентуалниот втор круг ќе биде на 8 мај, заедно со парламентарните избори. Претседателот на Собранието Јован Митрески вчера ги распиша седмите претседателски и 11-те парламентарни избори, кои годинава се одржуваат во редовниот термин.
-Верувам дека во изборниот период што претстои, сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес, на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија, порача Митрески по распишувањето на изборите.
Република Северна Македонија, во последните изборни процеси, нагласи Митрески, покажа дека има капацитет да организира демократски избори, во согласност со европските вредности и принципи.
– Како држава воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме и во никој случај не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сопствениот став, е врвен чин на демократијата. Тоа е можност граѓаните со својот глас да ја определат својата иднина. Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужува, истакна претседателот на Собранието.
Изборни рокови и правила
Согласно Изборниот законик, роковите за спроведување изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавување на решението за распишување на изборите во Службен весник.
По објавувањето на решението за изборите во Службен весник, Државната изборна комисија ги усвојува роковниците со што и официјално стартуваат изборните дејствија.
За двата изборни процеса ќе има посебни роковници за спроведување на изборните дејствија.
Изборот на шеф на државата се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател, додека редовните избори за пратеници се одржуваат секоја четврта година во последните 90 дена од мандатот на претходниот пратенички состав.
Претседателот на Републиката и пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори, со тајно гласање.
Согласно Изборниот законик, избор на претседател на Републиката се врши на територијата на земјата и во дипломатско – конзуларните претставништва на Република Македонија во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, како една изборна единица според мнозинскиот модел.
Согласно Уставот, претседателот се избира за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу двапати. Претседателот мора да биде државјанин на Република Северна Македонија.
За претседател може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За шеф на државата не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Северна Македонија најмалку десет години во последните 15 години.
Кандидат за претседател на државата можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
Ако за претседател на државата е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
Пред преземањето на должноста, претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.
Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател, функцијата претседател ја врши претседателот на Собранието.
Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на државата го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност.
Должноста претседател на Републиката е неспоива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.
Единаесетите парламентарни избори од независноста ќе се одржат на 8 мај. Во Собранието на Република Македонија се избираат 120 односно 123 пратеници. Сто и дваесет пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на земјата е поделена на шест изборни единици утврдени со Изборниот законик и во секоја се избираат по 20 пратеници. Тројца пратеници се избираат според пропорционалниот модел во една изборна единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија.
Кандидат за пратеник може да биде државјанин на Република Северна Македонија, ако наполнил 18 години живот и има деловна способност. Кандидат за пратеник не може да биде лице кое е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување се уште не е започнато и се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.
Карактеристично за изборите 2024 ќе биде тоа што тие ќе се одржат во среда, а идентификацијата на гласачите повторно ќе се врши со апарати за отпечатоци на прсти (фингерпринт).
Ограничувања за функционерите, јавните претрпијатија и буџетските трошоци
Согласно членот 8а од Изборниот законик, од денот на донесување на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности како училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
Исто така не може да се вршат исплати на надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, ниту да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања се до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.
До завршување на изборот на претседател и пратеници, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.
Министерството за финансии две недели по распишување на изборите поднесува предизборен финансиски извештај во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот кој се објавува на веб страната на Министерството за финансии.
Јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори за претседател и пратеници во Собранието, се должни до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат. Податоците се доставуваат во електронска форма на образец кој на предлог на ДКСК го пропишува ДИК.
ДКСК на својата веб-страница го објавува регистарот на службени моторни возила на јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал. Доколку правните лица не достават податоци, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот за доставување на податоците.
Како подготовка за одржување на парламентарните избори, на 28 јануари годинава, на 100 дена пред изборите беше формирана техничката Влада чиј претседател е Талат Џафери. Тој со неа ќе раководи до изборот на нова политичка влада.
Извор: МИА