Старосната граница за пензионирање во Македонија нема да ги следи европските трендови

Старосната граница за пензионирање во Северна Македонија нема да ги следи европските трендови и засега останува иста. И покрај тоа што финансиските институции како ММФ и Светската банка во повеќе наврати препорачуваа да се разгледа опцијата да се зголеми старосната граница за пензионирање, со цел да се обезбеди одржливост на пензискиот систем, ова прашање досега не било ставено на маса на новиот владин состав. Од Владата за ДВ велат дека не се водат дискусии на оваа тема, ниту има иницијативи за корекции на старосниот праг за пензионирање од 64 на 67 години за мажи и од 62 на 65 години за жени.

Претходно и првиот човек на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОСМ), Никола Мемов на брифинг со новинарите рече дека таков предлог нема да излезе од институцијата, освен ако не се одлучи поинаку на Влада, која е надлежен орган. Тој е дециден дека пари за пензии ќе има, а дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се намалува.

„Граѓаните треба да бидат сигурни дека средства за пензии ќе бидат обезбедени. Буџетскиот дефицит е стабилизиран и ќе биде 27 проценти”, порача Мемов.

Во очекување на новите забелешки на ММФ
Но, прашањето станува актуелно во јавноста, особено по средбата на Мемов на почетокот на октомври со Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјата, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе, на којашто се зборуваше токму на оваа тема – за системот за пензиско осигурување, плановите за наредниот период и решенијата за подобро функционирање. Во фокусот на интерес на ММФ биле плановите за наредната година, буџетот, среднорочната стратегија, како и интервенциите во пензискиот систем. Во извештајот што ќе го подготви ММФ во февруари следната година, се очекува да бидат истакнати и нивните препораки и сугестии за пензискиот систем.

Ова не е прв пат ММФ да го отвори прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање. Уште во 2016 година, и Светската банка и ММФ во извештаите за Македонија предупредија на големиот дефицит на пензискиот фонд.

„Јавните финансии се соочуваат со долгорочните предизвици поради стареењето на населението. На 4,5 проценти од БДП, дефицитот на пензискиот фонд на Македонија е прилично голем. Ова е одраз на релативно големите поволности, ниските стапки на придонеси и ниското учество на работната сила. Без реформи и со намалувањето на работоспособното население, до 2030 година се проектира дека пензискиот дефицит ќе се зголеми двојно повеќе“, предупреди тогаш ММФ.

Тие на Владата и дадоа и неколку опции за да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем – зголемување на законската возраст за пензионирање, ревидирање на индексацијата според индексот на цените на трошоци на живот во согласност со многуте земји во ЕУ, спроведување реформи за зголемување на учеството на работната сила, а особено на жените што е едно од најниските во Европа разгледување на можно зголемување на стапките на придонеси, доколку одржливоста не е обезбедена преку други мерки.

Секоја трета пензија од државниот буџет
Дека состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со години наназад не е розова, потврдуваат и извештаите на Државниот завод за ревизија, кои неколку години наназад посочуваат дека овој фонд е заглавен во проблеми до гуша. Иако приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2022 година се зголемени за 11,63% во однос на претходната 2021 година и изнесуваат над 54 милијарди денари (околу 890 милиони евра), сепак расходите се многу поголеми.

Расходите за социјални бенефиции во 2022 година изнесуваат над 87 милијарди денари (1,4 милијарди евра) за вкупно 335.743 пензионери. Поради дефицит на средства за исплата на пензии, во 2022 година се трансферирани речиси 530 милиони евра од државниот буџет. Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на Фондот за пензиско осигирување е 33,58 отсто, или речиси за секој трет пензионер било неоходно да се црпат пари од државниот буџет за да му се исплати пензија.

Од каде ќе се обезбедат пари за пензии?
Според податоците на ПИОСМ за исплата на пензиите догодина ќе се потрошат 2,195 милијарди евра, од кои 1,55 милијарда се очекува од придонесите што ги плаќаат вработените, а државната каса ќе помогне со 570 милиони евра.

Новиот менаџмент до Владата и до Министерството за социјална политика најави дека ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетот за исплата на пензиите. Мемов очекува приходите по основ на плаќање на придонеси до крајот на годината да растат и дефицитот да се стабилизира.

ПИОСМ планира од 2,195 милијарди евра да исплати 105 милијарди денари, односно 1,7 милијарди евра по основ на пензии, а во вториот задолжителен пензиски столб ќе се трансферираат 15,6 милијарди денари или околу 250 милиони евра. Од 18,8 проценти, колку што изнесуваат придонесите за пензиско и социјално осигурување кои ги уплаќаат осигурениците, 12,8% се наменети за исплата на пензиите, а 6% се уплаќаат во вториот столб.

Исто така, Фондот за пензиско планира приходи од свои извори во висина од 80 милијарди денари, по основ на уплата во вториот столб приходи од 15,6 милијарди денари. По основ на акциза, ПИОСМ законски добива 9,18% или 1,63 милијарди денари од вкупно наплатените акцизи на државата. Од други приходи од кирии, акции и дивиденди ПИОCМ планира да собере 700 милиони денари. Вкупните приходи кои ПИОСМ ќе ги собере како Фонд се 97,93 милијарди денари.

Од трансфер на Владата за исплата на пензиите се очекуваат 35 милијарди денари или 580 милиони евра .

Заклучно со 15 октомври, се издадени 19.677 решенија за пензии.

DW