Повеќе од 70 основни прехранбени производи од денеска, први ноември, ќе добијат нови цени

Повеќе од 70 основни прехранбени производи од денеска, 1.11.2024, ќе добијат нови цени откако заврши владината мерка за „есенска потрошувачка кошница“. Целта на мерката беше да се ограничат профитните маржи на 73 основни прехранбени производи на 10%. Додека владини преставници беа задоволни од резултатите коишто ги дала оваа мерка, синдикатите алармираа дека е потребно и зголемување на платите за да поднесе товарот на големите трошоци со коишто се соочуваат граѓаните.

Слични мерки за празниците – што дотогаш?
Владата најави слични мерки и за новогодишните и божиќните празници, а за производителите и трговците коишто нема да ги почитуваат ваквите насоки се предвидени и високи казни. Во меѓувреме, граѓаните стравуваат што ќе донесе овој меѓупростор, кога трговците ќе имаат одврзани раце слободно да ги формираат цените.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во телевизиско гостување деновиве најави дека веќе се подготвува „новогодишната потрошувачка кошничка“ која што „за првпат ќе има поинакви интересни мерки, кои ќе бидат иновативни и со кои првпат граѓаните ќе почувствуваат одредено намалување на производи кои најмногу се трошат во зимскиот период“.

Според Ристоски, со владината мерка за ограничување на профитната маржа за училишниот прибор, имало намалување на цените за 25 до 35 проценти или „од 750 до 2000 денари по семејство, зависно кој колку трошел“.

Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот (28.10), по увидот во работите за изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, порача дека институциите ќе ги искористат сите алатки за одбрана на стандардот на граѓаните во случај на енормно зголемување на цените на прехранбените производи по завршувањето на есенската потрошувачка кошница на 31 октомври.

„Очекувам заедно со коморите и со трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа, жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со сѐ што имаме како алатка на располагање“, порача премиерот.

Тој изрази надеж и дека од јануари нема да поскапи струјата за домаќинствата.

Драстично зголемување – поригорозни мерки
И министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека ако има драстично зголемување на цените, ќе бидат донесени поригорозни мерки. Дурмиши неодамна изјави дека мерката дала резултати затоа што цените на одредени производи се намалиле од пет до десет проценти. Неговите очекувања се дека трговците нема да ги зголемат цените затоа што од крајот на септември во сила е и Законот за нефер трговски практики со кој над 2.500 производи имаат ограничена маржа од 10 проценти.

Дурмиши се повикува на податоците од синдикалната кошничка, според која, цените на храната и пијалоците во октомври се пониски за преку 900 денари. „Наредниот месец очекуваме повторно намалување на цените зашто е во сила Законот за нефер трговски практики. Ако видиме дека трговците ги зголемуваат цените, ќе преземеме поригорозни мерки“, најави министерот на 25 октомври.

Кои се ефектите од мерката?
Но, според податоците на ССМ, вредноста на минимална кошница за октомври изнесува 61.249 денари и таа, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец септември 2024 година која изнесува 61.306 денари, е намалена за 57 денари.

Според ССМ, мерката на Владата за ограничување на висината на маржите дала дел од посакуваниот резултат, но поради алчноста за профит кај трговците, што, како што се вели, државата мора да го заузда, трговците, кога разбраа за намерата на Владата за ограничување на маржите, ги зголемија цените на сите производи. „Ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во минималната кошница за повеќе од 717 денари за септември, а во делот ка храна и пијалоци во октомври, споредено со септември, е намалана за 965 денари. Ова потврдува дека цените треба уште да се намалуваат, а нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика, ниту пак со здравиот разум, туку има поврзаност само со алчноста која е сѐ поизразена“, е ставот на синдикатите.

DW