Денеска сме сведоци на голем научно-истражувачки успех, кој не само што фрла нови светла на македонската археолошка историја,туку претставува и значаен придонес во европското и светското археолошко наследство, напиша на својот ФБ профил министерот за култура Зоран Љутков.
Eксклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст.
Целата приказна започнала во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување на земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко открива бронзен шлем кој потоа го предава во НУ Завод и музеј, Охрид. Во 2023 година тимот од НУ Археолошкиот музеј Скопје предводен од сегашниот раководител добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.
Археолошките истражувачки активности се дел од реализација на проектот „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ од Годишната програма на НУ Археолошкиот музеј, финансирана од Министерството за култура и туризам за 2024 година. Раководител на проектот е м-р Перо Арџанлиев, археолог советник-кустос од НУ Археолошки музеј и м-р Драган Танески археолог виш кустос од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.
Археолошките истражувања од овој проект се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко.
Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта наликува на далеку попознатата Требенишка некропола која е во непосредна близина.
Во рамките на гробната целина регистрирани се околу 80 наоди. Во Охридско-струшкиот регион досега се истражувани голем број на некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди што сугерира на активен живот на високо организирана социјална елита на овој простор во тоа време.
Овие наоди не само што се од посебно значење за научниот и културниот аспект туку и ја надополнуваат сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени прилики во овој регионот, меѓудругото убеден сум дека ќе имаат и позитивен ефект врз туризмот и врз економијата во земјата.
Зачувувањето на нашето културно наследство не е само наша обврска, туку и одговорност кон идните генерации. Со овие откритија, не само што го прошируваме нашиот историски контекст, туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканската и европската археолошка сцена.
Сакам да изразам огромна благодарност до Шефит Шемшедини, до Букури Шемшедини, како и до сите жители на с. Корошишта за нивниот одгоиворен пристап кон културното наследство и за несебичната помош и соработка.
Воедно сакам да упатам благодарност и до раководителот Перо Арџалиев како и до целиот тим археолози кои деноноќно беа ангажирани на локалитетот и кои со својот високо професионален и ентузијастички пристап ги реализираа овие археолошки истражувања.