Пораки за македонскиот јазик ќе праќаат и по мене и по нас, оти додека нè има, ќе го има и него: јазикот наш насушен

По повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова испрати порака која ја пренесуваме во целост.

македонската литература, уметност и култура.

Македонскиот јазик е семакедонска куќа и семакедонски дом на писменоста, прогресот, уката и науката, уметноста и културата. Македонскиот јазик е жив и животворен, тој врие од енергија, отвора, раѓа и породува нови видици и светови, менува светогледи. На него сонуваме, создаваме, остваруваме, векуваме.

Во македонскиот јазик е врежан македонскиот код, вградена е нашата сушност и посебност, на него е исткаена нашата меморија, со него ја живееме сегашноста, одиме по свое во иднината. На македонски сè уште шепоти пирејот, на македонски зборува непокорот, со македонскиот се мечтае за „белите мугри“, на македонски е навезена „Везилка“ и напишана едната и единствена македонска приказна, повеќе тажна, одошто весела. Јазикот, македонскиот ни јазик е наша молитва, наша поезија, наша драма, наш еп, наш роман-река.

Со македонскиот јазик градиме мостови меѓу културите, преминуваме пречки, се разбираме. Преку јазикот го креираме системот на вредности како култура на дијалог, соработка, хуманизам, човекољубие, миротворство и космополитизам, оти нам преку речта, како на Рацина: „куќа цел свет братски ни е“.

Нашиот македонски јазик е мисија на сите нас: државните органи, институциите, образовниот систем, академската, научната и општествената заедница, граѓаните, индивидуите, луѓето.
Изразувам и искажувам огромна почит кон сите македонисти, кон сиот образовен, академски и научен потенцијал, кон академиците, професорите и истражувачите, поетите и писателите, наставниците и учителите, лекторите во земјава и во странство, библиотекарите, кон сите говорители и љубители на македонскиот јазик, кон јазикољупците коишто од него прават уметност.
Лично, како човек и како претседателка на државата, со страст размислувам и говорам на македонски, ја почитувам, силно ја поддржувам и афирмирам македонистиката, секогаш и секаде: дома и во светот.

За особено важна ја сметам институционалната поткрепа на македонистиката преку дејноста на Советот за македонски јазик, работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, лекторатите по македонски јазик, дејноста на високообразовните и научни македонистички институции. Очекувам и инсистирам на особена и посебна правна грижа за македонскиот јазик преку дејноста на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик.

Координираното институционално чествување на овој голем јубилеј преку целата година е потврда на јасната определба за поддршка на македонскиот јазик. Потребна ни е национална стратегија за развој и за заштита на македонскиот јазик со третман на македонистиката како дејност од врвен национален интерес со интернационално значење.

Заштитата на македонскиот јазик е наша висока должност и завет, или како што вели Мисирков: „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така, како што ни е наша татковината ни“.

Денеска, на овој голем македонски ден, Ден на македонскиот стандарден јазик, 5 мај 2025 година, свечено и достојно го чествуваме големиот јубилеј „80 години од кодификацијата на македонскиот јазик“, но и не смееме да ги заборавиме настаните што му претходеле, оти македонскиот јазик е многу постар од стандардниот македонски јазик, или како што вели познатиот славист и македонист Реџиналд де Бреј во неговиот „Водич на словенски јазици“ во 1951 година: „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“.

Да споменам дека годинава се навршуваат 150 години од објавувањето на Речникот на три јазика (тријазичникот), 145 години од „Слогница Речовска“, односно првата публикувана граматика на македонски јазик на Ѓорѓија Пулевски, 135 години од одбраната на првата докторска дисертација за македонскиот јазик на Дерптскиот универзитет во Естонија од Леонард Готхилф Мазинг, како и 100 години од печатењето во Атина на „Абецедарот“, на барање на Лигата на народите, претходничката на ООН!

Честит 5 Мај, Денот на стандардниот македонски јазик!