Секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки, што укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет, информираше Управата за јавни приходи (УЈП).
Овој податок произлегол по околу 4.000 контроли за регистрирање на готвинскиот промет спроведени од страна на УЈП до крајот на ноември. Изречени биле над 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници – мерки за забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектот.
Кон поголем број од даночните обврзници кои биле казнети за неиздавање фискални сметки и неевидентиран промет, УЈП испратила персонализирани пораки со повик обврзниците да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот. Доколку не постапат доброволно, ќе следуваат и дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет и неплатениот данок.
Плати во плик
Што значи податокот дека секоја четврта контрола на УЈП во државата открила неиздавање фискални сметки?
„Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот“, наведуваат од УЈП.
Постигнувањето на висока даночна дисциплина е најважна цел и мисија во работењето на УЈП. За позитивен тренд се смета тоа што се зголемува навременото поднесување на даночните пријави, што е првиот предуслов за данокот воопшто да стане наплатлив, а се зголемува и навременото плаќање на обврските. Навременото поднесување на ДДВ пријавите за периодот јануари-септември 2025 година изнесувало 95%. Навременото плаќање на ДДВ во истиот период изнесувало 81%, односно бележи пораст во однос на истиот период во 2024 и 2023 година, кога оваа стапка во просек изнесувала 76%. Но, додека расте свеста за навремно плаќање на даночните обврски, остануваат предизвиците со даночната евазија.
Превенција, а не санкција по секоја цена
По тоа прашање целта на УЈП не е контроли и санкции по секоја цена, туку најпрвин преземени мерки кои ќе доведат до трајна промена на однесувањето на субјектите кои применуваат неправилни и штетни даночни практики. Затоа Управата во пристапот почнува со мерки на превенција, потоа корекција, а на крај со контроли и санкции.
„Пред отпочнување со подетални контроли и изрекување санкции, УЈП спроведе обемен процес на советодавни активности и канцелариски анализи со цел да се согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи. До 20-ти ноември се реализирани 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти, при што даночните службеници ги информираа обврзниците за најчестите неправилности со цел навремена корекција и нивно усогласување“, објаснуваат од Управата.
Во текот на посетите биле утврдени различни состојби: фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавувале оштетени пломби, а кај одреден број обврзници адресата на која бил регистриран фискалниот апарат не соодветствувала со реалната локација на работењето. Утврдено било и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење книга на дневни финансиски извештаи.
DW





