Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арабија.
Целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија. Досега, меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
Македонија и Саудиска Арабија негуваат пријателски односи, со заемна заложба за унапредување на економската и трговска соработка, зголемување на инвестициите како и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес.
Воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји ќе придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Министерството во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.





