Истражување: Над 13 отсто од тинејџерите во државата користат тутунски производ

Вкупно 13,6 отсто од учениците од седмо до деветто одделение, најчесто од 13 до 15 години, користат некој тутунски производ – покажуваат резултатите од истражување спроведено во 75 училишта во државата. Иако податоците се однесуваат на 2024 година, тие беа објавени денеска (27 февруари) на прес-конференција во Министерството за здравство.

„Вкупно 12,3 проценти моментно користат тутун. Вкупно 5,3 проценти моментно пушат цигари. Вкупно 4,9 проценти од учениците моментно користат тутунски производи што се загреваат (5,1 отсто момчиња и 4,4 проценти девојчиња)“, информираше д-р Сања Прошева од Институтот за јавно здравје.

Таа рече дека 3,6 отсто моментно користат тутун што не се пуши.

Од учениците, додаде таа, девет проценти моментно користат електронски цигари – 8,2 отсто момчиња и 9,6 проценти девојчиња.

„Од сегашните пушачи, 66,1 отсто се обиделе да се откажат од пушење изминативе 12 месеци. Да престанат со пушење сега сакаат 56,5 проценти“, посочи д-р Прошева.

Според клучните наоди од извештајот презентирани денеска, пушењето во училишните простори, како што се наведува, и понатаму претставува загриженост.

Во 2024 година 45,1 отсто од учениците виделе некого како пуши во училишните згради или на училишниот имот.

Министерот за здравство, Азир Алиу појасни дека истражувањето е спроведено кај ученици на возраст од 13 до 15 години, со поддршка од СЗО. Во првата фаза на истражувањето биле избрани 75 училишта, а опфатени 4.670 ученици.

„Истражувањето е дел од глобалниот систем за надзор на тутунот и претставува национално репрезентативно истражување што четврти пат се спроведува во училиштата во нашата држава“, истакна Алиу.

slobodnaevropa.mk