Новиот закон за пушење влегува во владина процедура, најави министерот за здравство, Азир Алиу. Со него се предлага угостителските објекти да имаат тераси со две отворени страни и отворен покрив, како и посебен влез за непушачите.
Предлог-законот за заштита од пушење во вторник ќе се најде на седница на Владата, по што ќе биде упатен во Собранието. Министерот за здравство очекува законот да биде донесен за еден до еден и пол месец.
„Немаме ниедна отворена точка што не е затворена. Ги анализиравме сите забелешки – научни, економски, инфраструктурни, социјални и здравствени. Сите прашања се решени“, изјави Алиу.
Две отворени страни се доволни – отворен покрив е плус опција за проветрување
Според Алиу, направена е научна анализа за тоа под кои услови просторот може да се третира како дозволен или забранет за пушење.
„Заклучокот од експертите е дека терасите може да бидат места за пушење доколку имаат две отворени страни. Во Скопје има над 7.000 угостителски објекти со тераси, а многу од нив структурно не можат да обезбедат три страни“, рече тој.
Законот предвидува и можност покривот да биде отворен и да се смета како една од страните за природна вентилација.„Доказите покажуваат дека кога покривот е отворен, воздухот се прочистува за неколку секунди“, нагласи Алиу.
Задолжителен посебен влез за непушачите
Една од најголемите инфраструктурни обврски за угостителите ќе биде задолжителниот посебен влез во делот од објектот што не е наменет за пушачи.
„Целта е да ги заштитиме непушачите и да овозможиме јасно одвоени простори“, додаде министерот.
Алиу изјави дека со овие мерки државата може да стане пример во регионот и пошироко. „Се надевам дека за две-три години ќе имаме прес-конференција на која ќе објавиме дека бројот на пушачи е намален од 45% на под 20%“, изјави тој.
Законот првично беше најавен за 1 март, но беше одложен поради реакции од угостителите и тутунската индустрија.
DW





