Синдикалната кошница порасна за 2.326 денари за три месеци

Синдикалната кошница во првите три месеци од 2026 година поскапела за 2.326 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Само во март, на едно четиричлено семејство му биле потребни 67.818 денари за покривање на основните трошоци за живот, што е 436 денари повеќе отколку во февруари.

Според пресметките на ССМ, вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесуваше 67.382 денари.

Како се движеле трошоците во однос на февруари
Зголемувањето од 436 денари во март е дел од континуираниот раст на трошоците за храна, комуналии и други основни потреби.

Според ССМ, со изнајмен стан од 60 квадратни метри основните трошоци за четиричелно семејство за март се 83.193 денари.

„За три месеци животот е поскап за околу 2.500 денари“, велат од ССМ, посочувајќи дека законското усогласување на минималната од 1.667 денари е недоволно да ги покрие големите трошоци за живот на македонските граѓани.

Дополнително, ССМ укажува и на значајното поскапување на горивата. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) пораснала од 64,50 денари за литар (05.01.2026) на 92,00 денари за литар (16.03.2026). Ова претставува зголемување од 27,50 денари за литар, што дополнително ги зголемува трошоците за живот и транспорт.

ССМ: Минималната плата не го следи темпото на поскапувањата
ССМ предупредува дека со вакво темпо на раст на трошоците за живот, работниците се соочуваат со сè потешки услови за преживување.

„Дали животот на македонските работници ќе се подобри, ако ССМ престане да ја пресметува вредноста на Синдикалната минимална кошница и дали во тој случај македонските работници ќе бидат задоволни со висината на нивните плати како што се обидуваат да ја претстават состојбата владините претставници“, прашуваат од синдикатот.

DW