Контролите на Фондот за здравствено осигурување открија низа неправилности и злоупотреби на боледувањата кај вработени во МВР. Полицаец во период од една пол година година – четири пати го менувал матичниот лекар со единствена цел да добива нови боледувања. Друг вработен, пак, кој земал боледувања едно по друго, но секое со различна дијагноза, што упатува на сериозно заобиколување на системот.
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по барање на Министерството за внатрешни работи (МВР) во втората половина од 2025 година спроведе детални контроли на боледувањата на вработените во МВР. Со контролата биле опфатени 80 осигурени лица со вкупно 514 боледувања, а утврдено е дека кај 29 лица постојат неправилности во издадените боледувања – што претставува околу 37 проценти. Вкупно 100 боледувања, односно околу 20 проценти, се оценети како неуредни или неправилно издадени.
Ова го соопшти генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, кој информираше дека контролата опфатила 105 приватни здравствени установи, претежно ординации по општа медицина (98), четири гинеколошко-акушерски ординации и три стоматолошки ординации. Неправилности биле откриени кај 29 здравствени установи – 27 од општа медицина и две од гинекологија – во кои биле издадени спорните 100 боледувања.
Покрај приватните установи, биле контролирани и првостепените и второстепените лекарски комисии за долгите боледувања. Неправилности се утврдени и кај три специјалисти во јавни здравствени установи, како и кај две првостепени комисии во различни градови.
Според Клековски, најчестиот проблем е неисполнување на задолжителните дијагностички процедури за издавање боледување. „Ако пациент има лумбаго, мора да има рендген-снимка што го потврдува тоа“, посочи тој како пример.
Злоупотреби преку промена на матични лекари
Од лицата кај кои биле утврдени неправилности, 10 смениле матичен лекар за време на боледувањето, што е еден од индикаторите за можно избегнување контрола и злоупотреба. Најголем дел од неправилностите биле забележани кај испрекинати боледувања што траеле по седум дена.
Од вкупниот број боледувања, 258 траеле до седум дена, 171 до 15 дена, а 83 биле со траење од 30 или повеќе дена. Најчестите дијагнози биле:
болести на респираторниот систем (82 случаи),
заболувања на мускулниот систем и сврзното ткиво (69 случаи),
заболувања на дигестивниот систем (45 случаи).
Изречени казни и потреба од системски решенија
За утврдените неправилности се изречени казни во вкупен износ од 1,2 милиони денари за опфатените приватни и јавни здравствени установи. Според Клековски, овој обем на неправилности е само дел од редовните контроли што ФЗО ги спроведува по барање на работодавачите, најчесто МВР, Царина и Министерството за одбрана.
Тој истакна дека и во јавното здравство има висок процент на боледувања. Во најмалку две клиники, во моментот на контролата, 20 проценти од вработените биле на боледување, но болниците не поднеле барање за контрола.
Клековски најави дека ФЗО започнува двегодишен европски проект за интероперабилност на ФЗО и „МојТермин“, при што еден од приоритетите ќе биде воспоставување интегриран систем за следење на боледувањата. Со тоа, ќе се добие целосен увид во бројот и динамиката на боледувањата, бидејќи боледувањата до 15 дена се регистрираат само во МојТермин, а Фондот нема директен пристап до тие податоци. Боледувањата над 30 дена се видливи за ФЗО, затоа што се исплаќаат преку фондот.
DW





