Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Владата донела клучни мерки за справување со економската криза и ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните, нагласувајќи дека државата не може да остане изолирана од глобалните економски текови.
На вонредна седница, како што информираше, донесени се одлуки за продолжување на намалената стапка на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти до крајот на кризата, намалување на акцизата за дизел за 4 денари по литар, како и за бензините 95 и 98 за 2 денари по литар.
Дополнително, постигнат е договор со компанијата „ОКТА“ за продолжување на попустите, односно 3 денари за дизел и 2 денари за бензините, со цел да се амортизира растот на цените и да се задржи или намали нивото на цените за граѓаните.
Мицкоски истакна дека Владата има јасен план и ги увери граѓаните дека нема потреба од загриженост, додавајќи дека земјава во моментов има едни од најниските цени на горивата во регионот и пошироко.
„Ова е Влада која не бега од одговорност и стои рамо до рамо со својот народ“, порача премиерот.





