Во согласност со новиот Закон за средно образование, матурантите оваа година ќе полагаат три типа завршен испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Според Министерството за образование и наука (МОН), учениците ќе полагаат испити во зависност од образовната област од која доаѓаат. Разликите во програмите, обемот и бројот на наставни часови во гимназиското, стручното и уметничкото образование ќе бидат земени предвид при изработката на тестовите.
„Согласно наставните програми, учениците ќе полагаат материјал кој е соодветен на она што го изучувале во текот на четирите години школување. Постои јасна разлика меѓу општообразовните предмети во гимназиите и наставата во стручните и уметничките училишта“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Помалку препишувања и поголема свесност кај учениците
Јаневска оцени дека не очекува зголемување на нерегуларности за време на полагањето, посочувајќи дека и минатата година биле забележани значително помалку случаи на препишување или обиди за снаоѓање на учениците.
„Тоа нè охрабрува. Начинот на кој матурата им беше претставена на учениците – како завршеток на средното образование, а не како нешто застрашувачко, даде позитивни резултати. Дополнително, се работеше интензивно со оценувачите и набљудувачите, и минатата и оваа година“, нагласи министерката Јаневска на настан во Скопје.
Календар за полагање на државната матура 2025/2026
Според календарот на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој е надлежен за организација и спроведување на екстерните испити, гимназијалците државната матура во учебната 2025/2026 година ќе ја полагаат на 6 и 11 јуни.
На 6 јуни е закажан првиот екстерен испит, каде што учениците ќе можат да избираат меѓу англиски, француски, германски, руски или италијански јазик, како и математика или историја. Вториот екстерен испит – по мајчин јазик и литература – ќе се полага на 11 јуни.
Учениците кои полагаат државна стручна матура, првиот екстерен испит ќе го имаат исто така на 6 јуни, при што ќе избираат меѓу тест по англиски јазик или математика. Испитот по мајчин јазик и литература ќе се полага на 12 јуни. Државната уметничка матура ќе се полага на 6 јуни (англиски јазик или историја) и на 12 јуни – испит по мајчин јазик и литература (македонски, албански, турски или српски јазик).
DW





