Вечерва започнува 10-то, јубилејно издание на најмасовната спортска манифестација „Охрид трчаТ“. На прес конференција што точно напладне се одржа пред хотел „Палас“ градоначалникот Кирил Пецаков зборуваше за важноста на овој спортски настан за Охрид.

„Охрид трчаТ“ е најмасовниот спортски настан во градов и пошироко и полека но сигурно станува наш бренд. Годинава е најавен рекорден број на учесници, над 2 700 од 30 држави. Овие факти зборуваат многу. Случувањето одамна ја надмина локалната рамка и позитивно влијае во туристичката промоција на градов, во неговиот спортски и економски развој. Покрај со трките на 5км, 21 км и штафетниот полумаратон, настанот е збогатен и со многу социјални, музички и хуманитарни содржини. Тому затоа како локална власт секогаш ќе подржуваме вакви позитивни проекти– рече градоначалникот Пецаков на кого и официјално му беше врачен стартниот број 1 и стартниот пакет.
За организацискиот дел и програмата на годинешното издание говореа Јоне Станкоски и Иван Цветкоски од „Охрид трчат“ , а за безбедноста и времениот режим на сообраќај зборуваше командантот на ПС за безбедност во патниот сообраќај, Владо Аслимоски.
Официјалниот почеток на настанот е закажан за вечерва со ноќната трка која стартува од пешачката патека кај плажата “Куба Либре“ до хотел „Палас“. Потоа ќе има Pasta party со хуманитарен карактер , а концерт ќе одржи групата „No Fun“. Денес и утре во период од 10:00 до 20:00 часот ќе има ЕXPO, делeње на старт пакетите за сите учесници.


Утре за учесниците на спортското случување е предвидена целодневна програма во која е вклучен разглед на градот, возење со бродови по езерските води и посета на најрепрезентативните локалитети на градов меѓу кои и манастирскиот комплекс „Св. Наум“. Централното случување ќе биде во недела. Во 08:15 ч. стартува главната трка од пред хотел „Палас“. Ќе се трча по централното градско подрачје, старото градско јадро, до Горна порта, по кеј „Македонија“ до хотел „Инекс Олгица“- Горица 2 и назад до хотел „Палас“. Во недела ќе има и посебен режим на сообраќај, а улиците по трасата на трката ќе бидат затворени за сообраќај во период од 08:00 до 12:00 часот.
Настанот завршува со концерт. Во организацискиот дел на најмасовното спортско случување во градов се вклучени над 6 000 луѓе.





