Третиот понеделник во јануари е познат како Blue Monday или „тажен понеделник“ – најдепресивниот ден во годината.
Оваа теорија ја развил Клиф Арнал Кардиф, а подоцна се покажало дека станува збор за маркетиншки трик бидејќи до тој ден веќе е спласната празничната еуфорија, а со тоа и куповната моќ на луѓето.
На лошото расположение се смета дека најмногу влијае финансиската ситуација по новогодишните празници, лошото време и одбројувањето до лето.
Експертите сметаат дека станува збор за емотивна испразнетост во комбинација со беспарица по атмосферата на радост и прослави со најблиските.
Маркетиншки, целта е да се поттикнат луѓето да купуваат повеќе иако значително се истрошиле во изминатите недели, а токму затоа и има толку големи намалувања, „последни распродажби“ и „чистки“ во продавниците.
Како да го победите „депресивниот понеделник“?
Ако и вие ги чувствувате симптомите на тажниот, депресивен понеделник, има неколку нешта што може да ги направите за да не паднете во неговата „замка“.
Прво, спречете го нагонот да си го подобрите расположението со шопинг – веќе сте истрошени, а не сакате да ја почнете годината со минус на картичката.
Јадете многу овошје и зеленчук – тоа ќе ви го крене нивото на енергија, ќе ви го подобри расположението и ќе направи да се чувствувате убаво бидејќи се храните здраво.
Направете планови за вечер – не мора да биде ништо екстравагантно, но сепак нека биде значајно. Направете го омиленото јадење и викнете ги пријателите на вечера или пуштете си го омилениот филм и направете си топло чоколадо.
Направете нешто екстра – проверете како стои пазарот на труд во вашата бранша и видете што се бара. Можеби годинава ќе го смените работното место и „најдепресивниот ден во годината“ за вас ќе биде денот кога најдовте нова работа.