СТАПУВА ВО СИЛА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА !!!

По дводневна расправа, вкупно 12 часа и обраќање на 38 пратеници и двајцата известувачи, Комисијата за надворешни работи и одбрана при грчкиот Парламент го усвои нацрт законот со кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

 „Како што произлегува од дискусијата и изнесените ставови на членовите на Комисијата, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција ‘Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите, прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните’ со мнозинство е усвоен и во секој член и во целост”, рече претседателот на Комисијата, пратеникот од СИРИЗА, Костас Дузинас.
Денешната расправа траеше континуирани шест и пол часа, а пратениците, во зависност од тоа која е нивната матична партија, зазедоа став, позитивен или негативен, за договорот од Преспа.

Во усвоениот нацрт закон, првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува во сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.

Нацрт законот со датум 18 јануари 2019 е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.

Утре, во 10 часот наутро по локално време започнува пленарната седница, а гласањето ќе биде во четврток вечер.