Заев и Ципрас најавија отстапки за решавање на спорот за името

Автопатот Александар Велики ќе се преименува во автопат Пријателство, а ќе се смени и името на аеродромот Александар Велики, рече премиерот Зоран Заев по повеќе од двочасовната средба со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Давос. Ципрас, пак, рече дека ќе ги поддржи процедурите кои грчката влада претходно ги суспендираше – кандидатурата на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива и ратификацијата на втората фаза од договорот за стабилизација и асоцијација во грчкиот парламент.

Македонија и Грција ќе преземат отстапки со цел изнаоѓање на решение за спорот за името. Ова денеска го најавија премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас по средбата на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Заев изјави дека крајното решение за спорот за името мора да биде прифатливо за двете страни и оти мора да се води грижа за взаемните интереси. Македонија, како што порача е силно посветена на имплементација на мерките на градење на доверба со цел решение на спорот.

„Решението мора да биде во насока заштита на националниот идентитет и идентитетот на нашите народи со цел да покажеме дека сме посветени на процесот на изнаоѓање на решение. Објавувам дека Владата ќе го промени името на аеродромот и на автопатотАвтопатот ќе се вика – Пријателство. Нашите активности ја покажуваат нашата добра волја и ова сведочи за фактот дека немаме никакви територијални аспирации кон нашиот сосед“, рече Заев.

Заев наведе дека Грција од нејзина страна ќе покаже добра волја и ќе дозволи Македонија да ја зголеми соработката со ЕУ и други меѓународни организации. Тој порача дека Македонија останува посветена на преговарачкиот процес под покровителство на ОН, но ќе се крене неговото ниво со тоа што преговорите ќе бидат преземени од министрите за надворешни работи на двете земји и со тоа ќе се обезбеди поголема динамика и суштина на истите.

Ципрас порача дека тој и Заев сакаат да ги решат разликите со прагматизам и со одговорност. Според него, не само што Грција сака да го реши спорот за името, туку билатерални односи меѓу двете земји да бидат поставени на цврста основа и тие да бидат засновани на заемно почитување и разбирање. Според Ципрас, тоа значи дека најпрво мора да се борат со иредентизмот во сите форми со гаранции дека нема да се остави отворен простор за слични предизвици во иднина.

„Ние мора да најдеме решение за сите отворени прашања, поради тоа што нашиот сосед сака да оствари напредок во пристапувањето кон ЕУ и членството во НАТО. Особено посочив дека е јасно оти мора да најдеме заедничко прифатливо решение ерга омнес. Врз основа на оваа рамка се согласивме да го интензивираме преговарачкиот процес кој се одвива под покровителство на ОН со цел да најдеме решение за името“, рече Ципрас.

Ципрас истакна дека Заев го информирал дека е подготвен веднаш да преземе важни иницијативи во тој правец. Врз основа на тоа Ципрас најави дека е спремен да ги поддржи процедурите кои ги суспендирала грчката влада. Тие, според него, се однесуваат на кандидатурата на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива и промоцијата на ратификацијата на втората фаза од договорот за стабилизација и асоцијација во грчкиот парламент. Средбата на крајот посочи, дека отвара нови перспективи за иднината.

Заев и Ципрас најпрво имаа тет-а-тет средба, а потоа на неа се приклучија и шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас.