Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, врз основа на Заклучокот од Сто и петнаесеттата седница на Владата на Република Македонија, бр.44-11202/1-18 од 15.01.2019 година, ги повикува заинтересираните лица- корисници на пензија, да се јават за користење на услугата бањско – климатска рекреација.
Oваа услуга може да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, остварена според прописите на Република Македонија и одредбите од договорите за социјално осигурување кои што Република Македонија ги применува, а кои живеат на територијата на Република Македонија. Услугата може да се користи еднаш, во периодот од март до ноември 2019 година, во траење од 7 дена.
Услугата бањско – климатската рекреација опфаќа: – 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), – Бањска терапија, – Еден задолжителен здравствен преглед и – Трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во која ќе се користи услугата бањско – климатска рекреација (трошоците за превоз ќе бидат дозначени на трансакциската сметка на корисникот на пензија по користење на услугата).
Лицата – корисници на пензија, кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило, имаат право на придружник за време на бањско – климатската рекреација. Услугата бањско – климатска рекреација, се остварува во правни лица, регистрирани за вршење на услуга за бањско – климатско лекување, со кои Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија ќе склучи договор.
Услови за користење на услугата и бодирање: Услугата може да ја користат корисници на пензија, чиј износ на пензијата за ноември 2018 година изнесувал до 17.000 денари. Бодирањето ќе се врши зависно од висината на пензијата, од 1 до 100 бода, при што, понискиот износ на пензија ќе носи повеќе бодови. Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија која се исплатува од друга држава, при бодирањето ќе се земе во предвид и износот на пензијата која се исплатува и од другата држава.
Потребни документи кои корисникот на пензија треба да ги достави за користење на услугата: За користење на бањско – климатската рекреација, потребно е да се поднесе Барање до филијалите и деловниците на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија. Барањето го издава Филијалата/Деловницата на Фондот на ПИОМ. Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија која се исплатува од друга држава, задолжително треба да се достави и Извод од девизна сметка од банката. Корисниците на пензија, кои во 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017 и 2018 година ја користеле услугата бањско – климатска рекреација, или бесплатен туристички викенд, не може да ја користат услугата бањско – климатска рекреација во 2019 година.
Барањата можат да се поднесат од 16-ти јануари до 15-ти февруари 2019 година. Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, задолжително писмено ќе го известат подносителот на барањето за установата во која ќе биде упатен и периодот на користењето на услугата. Списоците на корисниците на пензија на кои им е одобрено користење на услугата бањско – климатска рекреација, ќе бидат објавени во филијалите и деловниците на Фондот на ПИОМ, како и на веб- страницата на Министерството за труд и социјална политика: www.mtsp.gov.mk и на веб- страницата на Фондот на ПИОМ: www.piom.com.mk.