Системот за електронска наплата на патарините во Македонија стигна до финалната фаза, по повеќе од 4 години од потпишувањето на договорот.
Наскоро треба да започне да функционира контролниот центар за мониторинг на наплатните станици, кој е лоциран до наплатната станица во Петровец и е ден од инвестицијата за модернизација на патарините која е тешка 18.6 милиони евра.
Контролиот центар служи за следење на работата на сите наплатни станици и за регулирање сообраќајот на автопатната мрежа во Македонија со цел да се олесни протокот на возила на патарините. Целосно модернизирани и проширени се наплатните станици кај Романовце, Отовица и Сопот, во завршна фаза се станиците кај Петровец и Миладиновци, додека Градско, Демир Капија и Гевгелија се во фаза на изградба.
Со електронска наплата која треба да стартува во мај се патарините на автопатот од Табановце до Богородица. Во втората фаза се планира да се додадат делниците од Скопје кон Гостивар, а дополнително треба да се изградат наплатните станици од Скопје кон Штип.
Се планира наплатата да се одвива електронски со користење на бесконтактни смарт-картички кои во прво време ќе може да се набават пред патарините, а подоцна преку продажна мрежа и ќе може лесно да се надополнуваат.
Корисниците кои често патуваат ќе имаат можност да набават микробранови транспондери кои ќе им овозможат да поминуваат низ наплатните станици без застанување, доколку се движат со брзина не поголема од 30км на час. Во првата фаза по имплементацијата на наплатните станици, наплатата ќе може да се врши и во готово. За спроведување и имплементација на системот за електронска наплата на патарини во Македонија во ноември 2014 беше ангажирана турска компанија Asel.