Министерот за надворешни работи Никола Димитров несовесно ја врши функцијата и тој е неспособен да продолжи да биде министер, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во образложението на интерпелацијата во Собранието.
„Ја поднесуваме интерпелацијата за министерувањето на Никола Димитров бидејќи сметаме дека функцијата ја извршува несовесно и спротивно на македонските интереси. Потенцирам дека Димитров ја навреди македонската нација која ја нарече искомплексирана. Тој го наруши угледот, достоинството на нацијата. Неприфатливо е да ги навредува граѓаните. Тој работи против државните интереси. Тој ги исполни сите максималистички барања на Грција, а прв негов пораз е Договорот за добрососедство со Бугарија“, рече Мицевски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на министерот Димитров му рече дали македонскиот народ бил искомплексиран кога бил амбасадор во Холандија и добил 600 илјади евра за плата.
Димитров на Милошоски му одговори дека го штити македонскиот народ и не е точно дека го навредил македонскиот народ.
„Тужбата во судот во Хаг беше за прашањето за името или за нашето право да се зачленуваме во ЕУ и НАТО со нашето привремено име? Што се однесува до Никола Груевски, ќе ја цитирам насловната страница од згаснатиот ’Глобус‘ во април 2008 година: Димитров против Груевски“, му врати Димитров на Милошоски.
На говорот на Милошоски, Димитров рече дека неговото објаснување на интерпелацијата е доказ дека се нема основна одговорност.
„Време е да пораснеме. Јас го штитам македонскиот народ од планетата и светот во кој вие уште живеете. Може да викате ‘ѕидот е црн, ѕидот е црн, но тој ќе си остане бел’“, му рече Димитров на Милошоски.
Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски рече дека министерот Димитров не носи правилни одлуки за граѓаните и дека тоа ќе го увиди за неколку години.
„Не видов дека македонскиот народ гордо ја прима одлуката за промената на името, тоа само министерот Димитров го направи. Немаше прослава, немаше ништо. Ќе помине некое време ќе го слушнете министерот како ќе се оградува од одредени потези и од одредени личности. Само тогаш нема да знаеме која функција ќе ја има сегашниот министер“, рече Вељаноски.