Ако се надминат недоразбирањата во владината коалиција, вели лидерот на ДУИ Али Ахмети, можно е да падне договор со Зоран Заев да излезат со заеднички предлог за кандидат за шеф на државата.
Одржав средби со претседателот на најголемата партија во земјава г. Зоран Заев и ја анализиравме целата ситуација и остана јас да дискутирам, да го отворам како прашање во партиските органи и да се види можноста за некаков пат за санирање на недоразбирањата кои се случија меѓу нашите партии, за да можат да се надминат.
И за доброто на земјата би било да имаме заеднички кандидат и да се разговара со сите политички субјекти за да се постигне консензус.
Ахмети имиња не спомна, иако неодамна како можни имиња зад кои би застанала неговата партија се споменуваа Денко Малески, Лазар Еленовски, Владо Поповски и Луан Старова. Претходно и лидерот на социјалдемократите и премиер Зоран Заев порача дека е подготвен да се разговара по прашањето за консензуален кандидат. Но дали ќе одат со заеднички предлог со Ахмети најверојатно нема да се знае се до партискиот конгрес кој ќе се одржи на почетокот на март.
Од СДСМ не откриваат ниту дали ќе заседава Извршниот одбор кој треба да изгради став дали за нив се прифатливи предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Како можни кандидати за претседател се споменуваа Оливер Спасовски, Никола Димитров и Стево Пендаровски, но и името на Денко Малески кое потоа исчезна.
И додека во Бихаќка и Мала Речица одлучуваат, потенцијалните кандидати од ВМРО ДПМНЕ веќе на терен го мерат својот рејтинг. Професорката Гордана Силјановска Давкова од трибини во Скопје го искажа својот став за името.
На терен е и пратеникот Владимир Ѓорчев кој како дел од неговата кампања оди низ повеќе општини во земјава. Освен тие двајца пријавени за претседателската трка има уште седум кандидати.