Печати на кои пишува Оваа патна исправа и’ припаѓа на Република Северна Македонија почнаа да се ставаат на пасошите на граѓаните при влез и излез од државата. Текстот на печатот е на три јазици: македонски, англиски и француски и ќе се применува на постоечките патни исправи. Граѓаните имаат рок од пет години, односно до 2024 да ги заменат со нови.
На помалите гранични премини, како овој Ново Село, на македонско – бугарската граница се уште не стигал печатот, но ниту телеграма во која се известуваат промените за новините во означувањето на постојните патни исправи на граѓаните.
Во наредниот период се очекува да почне и замена на таблите во соседна Грција со Република Северна Македонија. Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос изјави дека Грција ја признава Северна Македонија и според тоа ќе бидат отстранети сообраќајните знаци на северната граница на кои пишува Скопје и ПЈРМ и ќе бидат заменети со новото уставно име, Северна Македонија.
Инаку, Грција почна и официјално да го применува терминот македонски јазик. Во денеска во Службен весник е објавен оглас во кој се бара вработување на лица со познавање на македонскиот јазик во грчката Национална агенција за разузнавање.