Социјалните случаи нема да плаќаат за отворање на сметка во банка, провизии за исплати и уплати и други услуги кај банките. Министерството за финансии преку ново законско решение воведува нова категорија – банкарски сметки со основни функции. Освен ранливите категории, вакви сметки може да отворат сите граѓани, но за нив ќе треба да платат „разумен надоместок“.
Со оваа сметка граѓаните нема да имаат можност да се задолжуваат во банката со кредити и кредитни картички, ниту да користат дозволен минус на сметка, туку ќе може да вршат само исплати и уплати. Како што најави министерот Тевдовски, новиот Законот за платежни услуги и платни сметки е во работна верзија, се очекува да биде готов до крајот на годината, но за неколку дена ќе биде објавена неговата работна верзија.
Инаку, според последните податоци на Народната банка, домашните банки само за девет месеци минатата година заработиле вкупно 124 милиони евра. Тоа е зголемување за дури 70 насто споредено со истиот период во 2017 година. Во тоа исто време, банките наплатиле 237 милиони евра само од камати, како и 80 милиони евра од провизии.