Оваа можност е достапна со најновата верзија од апликација и е корисна за групните пораки или за корисниците кои прават големи разговори
Се работи за можност за цитирање на порака и одговор на истата. Ова се прави со долго притискање на порака, односно на ист начин како што до сега се правеа реакциите на пораката.
Сега е достапно ново копче од страна, со чие притискање ќе се цитира избраната порака, па ќе може да се одговори директно на истата, односно со ова ќе истакнете дека одговорот го давате конкретно на таа порака.
Ова како можност е веќе достапно во WhatsApp, е веќе одамна во Skype и е одличен начин да се истакне некоја порака, а посебно во ситуации кога имате големи разговори со некого или во групни разговори.
Facebook продолжува да воведува вакви „помали“, но корисни функции од пуштањето на поедноставената верзија на Messenger, со која акцентот се враќа на разговорите, наместо на се друго што почна да станува дел од оваа апликација.
На почетокот од месецот стана достапна темната тема за апликацијата, додека на почетокот од минатиот месец беше пуштена можноста за бришење на испратена порака за сите, во рок од 10 минути.
Доколку не ви е наместено автоматското ажурирање на апликациите, отворете ја соодветната продавница за апликации и инсталирајте ја најновата верзија од Messenger за да ги добиете сите најнови функции.