Струмичанка со отров во кафето се обидела да го убие сопругот

Ставила хербицид во кафето и му го дала  на сопругот да го испие. 39 годишна жена од струмичкото село Иловица е  осомничена дека се обидела да го отруе нејзиниот  сопруг.  Од основното  јавно обвинителство во Струмица  веќе е поведена истражна постапка против жената бидејќи се сомничи дека се обидела да  изврши кривично дело убиство во обид. Настанот се случил пред околу две недели  во семејниот дом.  За случајот и поведената постапка денеска преку соопштение информираа и од јавното обвинителство од каде наведуваат дека хербицид „Моносан Херби,, било средството кое му е ставено во кафето на сопругот.

,, Осомничената 39-годишна жена, на 07 јуни, во семејниот дом во село Иловица, се обидела на подмолен начин да го лиши од живот нејзиниот сопруг. Кога сопругот побарал да му свари кафе, таа во филџанот ставила течно средство хербицид „Моносан Херби“, го помешала со кафето и му го дала да го испие. Оштетениот го испил кафето, излегол во дворот и паднал во бессознание.,, информираат од Јавното обвинителство.

Затруениот маж во болница го однеле негови блиски роднини, а случајот кај надлежните го пријавил дежурниот доктор кој откако му ја пружил неопходната медицинска помош се посомневал дека се работи за труење со хербициди. За осомничената е побарана и мерка притвор. Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка му предложил  определување на оваа мерка. Судијата го прифатил предлогот и определил притвор во траење од 30 дена. За сега нема повеќе информации за овој случај, а не се познати  ниту мотивите поради кои 39 годишната жена се обидела да му го одземе животот на нејзиниот сопруг.