Денес се одржа втората работилница од Проектот за одржлива урбана мобилност, што Општина Охрид го спроведува во соработка со ЗЕЛС и Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ).
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески оцени дека носењето еден ваков план ќе придонесе за современо, урбано живеење и уредување на сообраќајот во градот. Тој укажа на фактот што Охрид како и многу други градови се соочува со предизвиците што ги наметнува современиот начин на живеење, карактеризиран со висок интензитет на сообраќај особено во периодите на туристичката сезона кога во Охрид има енормно зголем број луѓе и возила.
– Во туристичката сезона во Охрид во одредени денови има повеќе од сто илјади луѓе, а во текот на годината има 30 до 40 илјади луѓе, така што, тоа е предизвик и проблем што треба да го решаваме, а носењето план за урбана мобилност на Охрид ќе придонесе за негово решавање. Во Охрид се јавува и недостаток на паркинг-места, но и повеќе зелени површини. Сето тоа влијае како на безбедноста, но и врз економскиот развој на градот и здравствениот аспект на граѓаните. Со изработка на Планот за урбана мобилност се добива основа за унапредување на постојната состојба во сообраќајот и подобри услови за живот во самиот град. Ние како Општина ја препознавме урбаната мобилност како еден од битните елементи за натамошнот развој на градот и оттаму со реализација на овој план се надевам дека ќе ги постигнеме зацртаните цели а тоа е развој по мерка на граѓаните, тој развој да биде одржлив, ефикасен, безбеден и достапен сообраќај за сите, намалување на незгодите и намалување на негативното влијание на сообраќајот врз животната средина, рече градоначалникот Георгиески.
Во насока на вклучување на граѓаните во планирањето, Општина Охрид спроведе и анкета како појдовна точка за запознавање со процесот. Притоа детектирани се одредени критични точки, посочени се најголемите проблеми, а добиени се и сугестии по одредени прашања.
Јасмина Буневска, професор на Техничкиот факултет во Битола која е дел од проектот појасни дека се работи за премин од традиционално планирање што во фокусот ги има само автомобилите, кон пристап на т.н. „паметно“ планирање што ќе ги има предвид сите субјекти вклучени во сообраќајот. Според неа, планот претставува и алатка на локалната самоуправа за пристап кон европските фондови, а истовремено ќе значи и хармонизација со европските конвенции и правила.