По повеќе од 10 години чекање, муслиманите во Охрид добија своја капела која ќе се користи за погребување на покојниците во согласност со верските правила, но и во согласност со законските одредби кои забрануваат чување на посмртни останки во домовите.
„Капелата која со сопствени средства ја изгради ЈП „Градски Гробишта“ е ставена во функција после повеќе од 10 години и денес можеме слободно да кажеме дека тоа што го ветувавме дека ќе ја ставиме во функција капелата, сега го имаме исполнето. Нашите сограѓани од муслиманска вероисповест ќе може да ги вршат своите верски обреди поврзани со починатите лица непречено“ – изјави Ванчо Костоски, директор на ЈП „Градски Гробишта“.
Капелата е изградена по сите законски стандарди за вакви објекти, и во согласност со правилата на Исламот, постаментот на кој се поставуваат починатите лица е свртен под аголот кој одговара за географската положба на Охрид кон градот Мека.