Денес 25 години после неговата смрт се смета за еден од најголемите промотори на Охрид и Македонија во Холандија, но и пошироко низ светот.
Во својот плоден авторски опус Ден Долард има бројни книги и новинарски статии инспирирани од неговите посети на Македонија, некаде пред почетокот на Втората светска војна. Тој денес е можеби најплодниот холандски писател, чии дела се преведувани на многу јазици. Меѓу најпознатите негови творби е и „Свадбата на седумте цигани“, делото во кое пишува за убавините на Охрид што децении подоцна натера голем број холандски туристи да се заинтересират за овој, за нив непознат дел на Европа и да дојдат тука.
– А. Ден Долард како човек и писател има големо значење за Холанѓаните, но и за нас Македонците посебно за охриѓаните. Пред Втората светска војна тој овде ги согледува состојбите, животот, културата, па сé она што доживеал го запишал во своите книги и романи. Најзначаен за нас е „Свадбата на седумте цигани“ со што го изнесува Охрид како културно наследство, но и како поширока целина пред холандската читателска публика и со право до денес останува најверен и најголем промотор на Македонците и Македонија. Секое лето среќаваме Холанѓани кои го кажуваат неговото име, значи оставил некоја трага во времето и има големо влијание на холандско – македонските односи на повеќе нивоа, не само во туризмот. Тој цел живот ја истакнувал и негувал љубовта кон Македонија, зборувал, пишувал за Охрид – истакна Мишо Јузмески од Културно – издавачкиот центар „Култура 365“ од Охрид што ја организираше денешната манифестација во чест на холандскиот автор.
Предавање посветено на Македонија низ призмата на Ден Долард одржа проф. д-р Димитар Пандев, според кој авторот во тоа време на диктатура на териториите од Кралството Југославија успеал да ја препознае вистинската национална слика на Македонија и националните особености на Македонецот.
Според Пандев, Ден Долард заминал од Македонија со цврста определба дека Македонците ќе се изборат за своја национална самобитност, и тоа не како негова журналистичка интуиција туку дедуктивен заклучок извлечен од мноштвото разговори што ги водел со македонски револуционери меѓу двете светски војни.
Во 2011 година во просторот на „Култура 365“ беше отворена Спомен-собата со постојана поставка на фотографии, оригинални публикувани дела и извадоци од книгите на А. Ден Долард. Една година подоцна Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. Ден Долард“ што потоа беше преведена на холандски и англиски јазик.
На својот голем афирматор во Холандија охриѓани во 2006 година му подигнаа паметник поставен во т.н. Холандски парк на самиот кеј на Охридското Езеро.
Превземено од Плусинфо.