Неопходно е да се ревидираат политиките на субвенционирање, да се зголеми бројот на авио линии на македонските аеродроми и да се изгради нова патна инфраструктура со цел да се зголеми бројот на туристи во земјава, ова беше истакнато на презентацијата на изработената „Анализа на економски импакт на туризмот“ што денес се одржа во зградата на Општина Охрид. Заеднички беше заклучено дека туризмот е подложен на надворешни влијанија, и дека мора да се води сметка на придвижувањето на економските параметри.
Изработувачите на анализата, проф. д-р Цветко Андреески и проф. д-р Александар Трајков од Факултетот за туризам и угостителство зборуваа за значењето на економските влијанија на туризмот во општина Охрид, организацијата на туризмот во градов како туристичка дестинација и структурата на потрошувачката во општина Охрид. Се дискутираше и за влијанието врз националниот БДП, анализа на влијанието врз развојот на руралните области во општина Охрид, анализа на објектите за сместување и сервисни дејности со храна во општина Охрид како и за карактеристиките на пазарот на труд (вработеноста) во туристичкиот сектор во општина Охрид.
Според моделот на направената анализа се очекува во годинешната летна туристичка сезона бројот на странските туристи во однос на лани да се зголеми за 12, 5 % , а на домашни за 3 % .
Организатори на настанот се Општина Охрид и Факултетот за туризам и угостителство.