Нови официјални 5 случаи на заразени од корона вирус во земјата и уште двајца кои биле позитивни на тестирањата кои ги направиле во надворешна лабараторија, но ќе мора тестирањето да го повторат во лабараториите на Институтот за јавно здравје во текот на утрешниот ден. Ова се последните информации кои на пресконференција ги соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
На пресконференцијата Филипче исто така посочи и дека се зајакнуваат мерките вклучително и оние кои се однесуваат на граничните премини во земјата. По него следеше и пресконференцијата на министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Со новооткриените 5 случаи официјалната бројка на заразени од корона вирус во земјата се искачи на 18 заболени, а утре треба да се проверат и останатите двајца кои испитувањата не ги направиле во Јавно Здравје, туку во други лабаратории.
Новозаболените се со лесна до средна клиничка слика, а за сега на апарати останува само една пациентка. Првиот случај на пациент заболен од корона кој беше откриен во земјата пак веќе денска беше пуштен на домашно лекување.