Донесена е Уредбата со која се утврдува како банките и штедилниците можат во текот на вонредната состојба, на граѓаните и фирмите да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности со коишто ќе им го олеснат сервисирањето на кредитите за време на корона-кризата. Уредбата е подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација, со цел во текот на вонредната состојба, поедноставно и побрзо да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите коишто заради корона-кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците.
Како што веќе беше соопштено, во согласност со донесените регулаторни измени, банките и штедилниците, на засегнатите граѓани и фирми ќе можат да им понудат повеќе поволности:
– одложување односно грејс-период за отплата на кредитите;
– пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период;
– пониска каматна стапка и сл.
Ова важи за сите кредитни производи:
– потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити итн.;
– кредитни картички;
– дозволено пречекорување (одобрен минус);
– кредити на фирмите.
И во текот на изготвувањето на Уредбата, банките и штедилниците истакнаа дека се подготвени да одговорат на потребите и барањата на кредитокорисниците погодени од корона-кризата. Впрочем, како што и претходно е посочено, тие се мотивирани на засегнатите граѓани и фирми да им понудат поволни можности за промена на постојните договорни услови. И во нивен интерес е да помогнат граѓаните и фирмите да го пребродат актуелниот шок и да имаат капацитет за и понатаму да ги плаќаат обврските.
Во олеснувањето на финансискиот товар на граѓаните и фирмите коишто користат кредити, а се погодени од корона-кризата, банките и штедилниците ќе се придржуваат до јасно утврдените критериуми во Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик донесена од Советот на Народната банка.