Во вториот сет економски мерки кои Владата ги усвои на денешната седница, донесенa е одлука минимална плата од 14.500 денари за април и мај да примаат спортистите, самостојните уметници како и избраните и именувани функционери на државно и локално ниво, од претседател до директор, информираше на денешната прес-конференција премиерот Оливер Спасовски.
Платата на вработените во јавната администрација нема да се намали, туку намалување на платите ќе на избраните и именувани функционери претседателот на државата, премиерот, претседателот на Собранието, пратениците, министрите, државните секретари, директорите, градоначалниците.
„Ако треба солидаризирање ние сме првите,“ изјави Спасовски.
Тој додаде дека нема лице кое што извршува некоја дејност а да не е опфатено со овие мерки.Тие се однесуваат на малите и микро претпријатија, на трговци поединци, фризери, бербери, пекари. Но за сите нив, со посебни дополнителни уредби ќе се одлучува како ќе се исплаќаат. Плата е предвидена и за граѓаните кои ќе останат без работа, а висината ќе зависи од стажот, просечна нето плата и исплатата ќе оди преку Агенцијата за вработување.
Субвенции се предвидени и за медиумските работници за кои дополнително ќе биде утврдено кои медиумски работници и на кој начин тоа ќе се реализира.
Со новите мерки се опфатени и лицата од неформалната економија кои ќе земаат по 7.000 денари од домаќинство во април и мај.
За работодавачите, предвидено е субвенцинирање на нето-плата, во висина од минималната плата од 14.500 денари како и субвенционирање на 50 проценти од придонесите за април и мај.
Условот за ова е работодавачите да имаат намалување на приходите најмалку 30 проценти споредено со сезонскиот просек лани. Барателите на финансиска помош не треба да исплаќаат дивиденди, бонуси, награди и исто така имаат обврски бројот на работниците да го задржат до септември. Барањето за финансика поддршка не треба да надмине 120.000 денари месечно.
Премиерот исто така ги спомна и мерките на банките спрема физичките и правните лица кои предвидуваат одложување на плаќањето на кредитите, репрограмирање на кредитите, кредити со поволни каматни стапки итн.
Спасовски во излагањето истакна дека за овие мерки се предвидени 200 милиони евра кои ќе се обезбедат преку кратење на непродуктивните трошоци како и преку задолжување.
Владата исто така отвори и Фонд за солидарна помош на кој може сите правни и физички лица да уплаќаат, бидејќи како што рече Спасовски, редно е оние на кои државата им овозможила да создадат, и да вратат.