Премиерот Спасовски, вицепремиерот Османи и министерот Чулев го посетија Дебар по укинувањето кризната состојба.

Премиерот Спасовски, вицепремиерот Османи и министерот Чулев го посетија Дебар по укинувањето кризната состојба. Таму порачаа дека граѓаните на Дебар и Центар Жупа заслужуваат признание заради дисциплинираноста, но треба да продолжат со целосно почитување на мерките и препораките.

При посетата, на која присуствуваше и градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, премиерот Спасовски нагласи дека во вакви ситуации се гледа дека знаеме, умееме и можеме да се справиме со овие тешки предизвици.

Премиерот Спасовски, вицепремиерот Османи и министерот Чулев го посетија Дебар по укинувањето кризната состојба.

„Граѓаните на Дебар заслужуваат пофалба и признание заради дисциплинираноста и посветеноста во борбата против коронавирусот. И тоа покажува дека само преку посветеност и дисциплина, како и преку лична одговорност на граѓаните можеме да си помогнеме на себеси и на семејствата, да помогнеме генерално на државата“, истакна премиерот Спасовски.

Премиерот Спасовски упати благодарност и до здравствените работници кои се најдоа во првите редови во справувањето со оваа криза, како и до припадниците полицијата и армијата, но и на сите припадници на државните и локалните институции за нивниот безрезервен придонес во спроведување на мерките.

„Се помина низ тежок период, но ништо сè уште не е завршено. Поминавме период кој можеби беше најтежок за Дебар и за Центар Жупа, меѓутоа во ниту еден момент не смееме да бидеме релаксирани, туку напротив да продолжиме со целосно почитување на мерките и препораките“, нагласи премиерот Спасовски.

Вицепремиерот Османи посочи дека дисциплината на граѓаните на Дебар за време на 30-дневната кризна состојба, треба да се земе за пример за начин на кој треба да се справуваме со ова зло.

„Во оваа криза имаме три цели. Да го спречиме ширењето на коронавирусот. Да ги излечиме болните. И да ги ублажиме економските последици. А, за сите овие Владата има свои планови“, истакна вицепремиерот Османи.

Градоначалникот на Дебар, Дука изрази благодарност за поддршката од сите вклучени во овие тешки моменти.

При посетата владините претставници изразија сочувство до блиските на починатите, а на заболените од коронавирусот КОВИД-19 им посака брзо закрепнување.

Владата на 40-тата седница одржана на 13 април 2020 година констатира дека е завршен периодот на постоење на кризната состојба на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа и дека оваа состојба ги даде очекуваните резултати на здравствен план.