Последните направени анализи се пооптимистични во однос на очекувањата на вупниот број заразени од коронавирус. Првичните претпоставки од две до 2,5 илјади заразени сега се движат во интервалот меѓу 1.600-1.700 заразени, информираше на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
„На презентација пред два викенда ги покажавме кривите и очекувања. Во првиот комент кривата на нови дијагностицирани беше таква што кажуваше дека може да стигнеме до максимална бројка од две до 2,5 илјади заразени со коронавирус. Тогаш таа претпоставка беше направена врз основа на тогашниот број пациенти, а тогаш немавме воведено вакви мерки. Сега може крајната бројка да биде поинаква. Сакаме и очекуваме да имаме помал број, но се подготвуваме како да че биде поголем. Последните анализи од пред една недела покажаа дека е можно бројката да биде 1.600 – 1700 заразени. Но не се опуштаме. Се уште е рано. Ги димензионираме мерките за да продолжи овој позитивен тренд“, рече Филипче.
Вкупната бројка на дијагностицирани лица со коронавирус во земјата изнесува 1.399, а последната дистрибуција по градови е следна: Скопје – 475, Куманово – 376, Дебар – 51, Штип – 34, Прилеп – 143, Тетово – 75, Струга – 64, Велес – 66, Битола – 19, Охрид – 15, Кавадарци – 5, Гостивар – 15, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка – 5, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 28, Пробиштип – 2, Кичево – 2, Неготино – 4, Демир Хисар – 1, Македонски Брод – 2 Пехчево – 1, Валандово – 1, Виница – 2.