Александар Николоски договарал сообраќајка кај Пресека

Петти ден по ред, на „Јутуб“ каналот „Обнова на режимот“ се објавуваат разговори од актуелни и поранешни членови на раководство на ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од претходните разговори кои беа помеѓу Миле Јанакиески и Игор Јанушев, сега е објавена снимка од Јанакиески и Александар Николоски кој е носител на пратеничката листа во изборната единица четири, на ВМРО-ДПМНЕ.


Во разговорот се слуша како Јанакиески му предлага на Николоски да се направи сообраќајка кај Пресека, односно помеѓу општината Дебарца и Охрид каде што се наоѓа и охридскиот аеродром, бидејќи како што се слуша од снимката, слетувале два авиони со Албанци. Со ваквата идејата се согласува и ја прифаќа Александар Николоски.
„Кажи шефе“, вели Николоски, по што Јанакиески му кажува: „Александар, слушај сега, идеја со Горде ја зборевме“, а Николоски вели: „Ајде“. Јанакиески продолжува: „Има два авиони Шиптари, следуваат сега во четири, четири и пол. Да направите една сообраќајна несреќа кај Пресека, ситна? Да се …. коли, па МВР увид, ваму-таму. Трактор да се испреврти нешто, сериозно ова ти го зборам“, а Николоски одговара: „Немам ништо против, нека се јави Горде на овие нејзиниве од МВР, ќе се организира таа работа. Не ми е проблем“. Јанакиески продолжува: „… не може некој од членство да излези да чукне некој, трактор со кола, пополека?“, а Николоски одговара: „А да му речам на … од Кичево да организират?“. Јанакиески одговара: „Јави му се на … од Кичево, ама негде накај Охрид нека направи ајде“. Николоски вели: „Океј, кога слетуват авионот?“, по што Јанакиески одговара: „Во четири“.