Со 62 гласа „За“, 51 против и без воздржани пратениците вечерва ја изгласаа новата влада која ќе ја предводи премиерот Зоран Заев.
– Се обврзуваме чесно и одговорно да работиме, да имате подобар стандард и подобра перспектива за сите и за вашите деца. Ветувам правда за сите, ќе работиме на одговорен начин, ќе имаме модерно и европско образование, ќе работиме за уште посилно и поквалитетно здравство, ќе служиме чесно и одговорно и ќе бидеме сервис на сите граѓани во сите области. Сега веќе немаме отворени етнички прашања, сите сме еднакви, ќе работиме еднакво за сите. Очекуваме економската соработка со соседите да расте. Најавувам целосна посветеност на економијата и создавање на максимилизација на државните ресурси за поддршка. Ќе се посветмие на тоа младите да не бараат работа само во јавниот сектор, да гледаат перспектива и во приватниот сектор – рече Заев во своето обраќање пред гласањето за избор на новата влада.
Најголем дел од програмата е посветен на економијата, каде Владата ветува целосна трансформација и забрзан раст, кој до крајот на мандатот ќе изнесува 4 остсто. Минималната плата ќе остане 14.500 денари додека трае кронакризата, а потоа ќе порасне до 40 отсто и ќе изнесува до 20.000 денари, а просечната плата ќе се зголеми до 30 отсто, односно до 34.000 денари. За да се поттикне инвестициската активност ќе биде воведена развојна обврзница, како еден вид соинвеститорство на граѓаните и бизнисот. Приватните пензиски фондови ќе добијат поголема слобода да вложуваат во проекти со повисок потенцијал за профит, особено за младите пензиски осигуреници.