Преспански легенди и преданија за Царот Самоил.

“Меѓу планините Петрино, Галичица, Сува Гора, Пелистер, Баба и Бигла се простира убавата и плодородна преспанска котлина во чиј центар штедрата природа, за да ја направи прекрасна, создала две езера богати со риба – две чудни огледала во кои со векови се огледуваат спротивните височини и по кои радосно се лизгаат сончевите зраци. Недалеку од езерото на патот Битола-Охрид е расположен убавиот град Ресен, природниот, политичкиот, културен и стопански центар на Преспа, која што во своите пазуви ги чува славата и величието на Самоиловата епоха и милите легенди за богомилите….”

                                                                                                                     ~ Никола Киров Мајски (1880 – 1962)

Населението кое живеело на бреговите на Преспанското Езеро низ историјата создавало голем број легенди и преданија во кои на свој начин го објаснувало потеклото на езерската вода, ги именувало селата, градот, регионот според одредени личности, случки и појави и создавало свои толкувања за историските настани. А, со оглед на фактот што токму Преспа бил центарот на моќната Самоилова држава, настаните од тој период останале во вечно паметење на бројните генерации преспанчани кои од колено на колено ги пренесувале легендите и преданијата за Царот. Токму тие легенди и преданија се тема на оваа статија.

Prespa vozdusna fotografija

САМОИЛОВАТА ЌЕРКА ПРЕСПАНА И ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

Во една легенда се говори дека Царот Самоил имал ќерка по име Преспана која по смртта на својот татко живеела во крајбрежното село Царев Двор. Нејзината убавина, мудрост и храброст биле надалеку познати и за неа слушнал еден византиски дворјанин, а според некои кажувања тоа била самиот Цар Василие. Тој решил да ја побара раката на Преспана, па со цела свита дошол кај неа. Не сакајќи да му стане сопруга на противникот на нејзиниот покоен татко, таа се фрлила во езерото кое го добило нејзиното име.

ЗОШТО ПРЕСПАНСКАТА НОСИЈА Е ЦРНА?

За разлика од другите делови на Македонија, народната носија во Преспа е претежно црна. Меѓу луѓето се кажува дека овде во минатото се носела бела носија, но дека таа била заменета со црна по трагичниот настан на ослепувањето на Самоиловите војници.

800px-Folk_costumes_-_Resen

Народна носија од Ресен

ЗМИСКИОТ ОСТРОВ

Островот Голем Град често се означува и со други имиња како Свети Петар, Голема Петра и Змиски остров. Последното произлегува од тоа што на островот се наоѓа голема популација на змии, кои според една легенда биле донесени од страна на Царот Самоил за да го чуваат неговото богатство кое било скриено на островот.

golem-grad-ostrov

ПРЕДАНИЈА ЗА ПОТЕКЛОТО НА ИМИЊАТА НА НЕКОИ ПРЕСПАНСКИ СЕЛА

Асамати

Асамаштани пренесуваат предание според кое името значи “еднооки” и дека било добиено по ослепената самоилова војска чии делови биле доведени и стационирани на повеќе места околу Преспанското Езеро, па и на локалитетот на денешното село Асамати. Постои уште едно тврдење според кое името значи “бестелесни” и дека било добиено по богомилите кои верувале во Богот-отец без тело.

Болно

Мештаните пренесуваат предание дека името на Болно потекнува од времето на Самоил, кога на тоа место биле доведени делови од неговата ослепена војска на лечење, за која цел била основана болница во месноста Милошоец. По болните војници и нивниот стационар, прво локалитетот, а подоцна и селото, биле наречени Болно.

Долно Дупени

Една од бројните легенди на Дупенци за потеклото на името на нивното село кажува дека тоа води потекло од самоилово време кога еден дел од неговата ослепена војска се стационирала на местото каде подоцна настанало селото. Бидејќи војниците биле со извадени очи (со дупки по лицето) кога требало да се посочи местото на кое тие престојувале, се велело “кај дупените”. Со текот на времето придавката “дупени” била пренесна на локалитетот, а подоцна кога на тој локалитет настанало селото, и на него.

samoil_soldiers_blind

Ослепувањето на Самоиловите војници

Лавци

Лавчани пренесуваат предание дека на тоа место во самоилово време имало затвор кој, покрај стражарите го чувале и кучиња по чие лаење, прво локалитетот, а подоцна и селото било наречено Лавци.

Претор

Според едно тврдење името Претор потекнува од називот со кој, во самоилово време, била нарекувана царската телесна гарда која на тоа место имала свој логор.

Царев Двор

Во преданијата на Царедворци името на селото се поврзува со легендите за постоењето на дворец на Царот Самоил на ова место.

Герман

Според некои тврдења селото Герман името го добило по поглаварот на самоиловата Преспанска патријаршија – Герман (Габриел) кој по смртта бил погребан во манастирот кој го носи неговот име “Св. Герман”. Исто така мора да се напомене дека во селото, во 1888 година, е пронајдена надгобната плоча на Самоиловите родители – таткото Никола и мајката Рипсимија, и братот Давид.

Samoilov ploca

Надгобната плоча на Самоиловите родители – таткото Никола и мајката Рипсимија, и братот Давид пронајдена во селото Герман.

Роби

Според преданијата името на селото се поврзува со владеењето на Царот Самоил и од него заробените византиски војници претворени во “робје” (робови) и нивниот престој на местото на кое подоцна настанало селото Роби.

Покрај овие, и голем број на други села од Преспа своето постоње го датираат од времето на Самоил, како Пустец, Цер и др.

Исто така тука мора да се спомне и селото Стипона, чие име најверојатно потекнува од средновековниот град Ступион. Целиот имот од селото (полето и планината) претставуваат манастирски имот на манастирот Св. Наум.

car-samoil