Пет дена пред почетокот на новата учебна година, Министерството за образование ја активираше Националната платформа за учење од далечина преку веб-страницата www.schools.mk. На неа веќе има видео упатства, прирачници и друга содржина. Од министерството ги повикуваат учениците и родителите да влезат во страницата во наредните денови и да се запознаат со платформата. Веќе се испратени упатства до сите училишта за да обезбедат лозинки и истите да им ги пратат на учениците.
„Ги повикуваме директорите на училиштата кои сè уште не го сториле тоа, да го забрзаат процесот и да им испратат на учениците лозинки за време на викендот бидејќи учебната година започнува за неколку дена“, рекоа од Министерство за образование.
Националната платформа за учење од далечина, според обучувачите, обезбедува континуитет во наставата за време на пандемијата. Исто така, претставува опрема која ќе го збогати образовниот процес и во нормални услови и е лесна за употреба.
„Во однос на комбинираната настава што ќе се спроведува од прво одделение до трето одделение, оваа платформа нуди можности и за учениците кои сакаат да посетуваат настава од дома, да се приклучат на часовите. Им се дава линк и со кликнување на него тие ќе бидат директно поврзани со врската на Мајкрософт Тимс и ќе се чувствуваат како да се на училница“, рече Гилман Османи Муслиу, национален обучувач.
Исто така, Националната платформа за учење од далечина му овозможува на ученикот да ги гледа училницата и наставникот преку мобилен или компјутер. Може да ги користи сите аудио и видео материјали поставени на платформата и да пишува домашни задачи. Исто така, ќе има брзи квизови, тестови и друга иновативна содржина. Платформата работи на 5 јазици. За неа учениците ќе можат да предложат подобрувања и промени.