СОСТАНОК НА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ

Денес во големата сала на Општина Охрид, се одржа состанок на Општинскиот кризен штаб, посветен на актуелната криза со ковид пандемијата. На состанокот присуствуваа лекари од сите медицински установи во градов и повеќе матични лекари.

Директорот на Општата болница Горан Балески, ги запозна присутните со моменталната ситуација во болницата и истакна дека таа е под зголемен притисок од пациенти, со исполнети капацитети и побара од матичните лекари и Здравствениот дом да преземат дел од товарот во лекувањето на пациентите позитивни или заболени од ковид 19.

Во дискусијата која се разви, лекарите истакнаа дека сите се под голем притисок и оти е неопходно да се изнајде модалитет во кој лекувањето на граѓаните, ќе падне рамномерно врз сите здравствени институции и медицински персонал. Побарано беше од полицијата поревносно да ги спроведува законските мерки во однос на носење на заштитни маски и држење на социјалната дистанца.

Се апелира  до граѓаните максимално совесно да ги почитуваат мерките за заштита, а до кризниот штаб да пријават било какви неправилности, во однос на третманот од матичните лекари или кршење на протоколите. Заклучено беше дека во наредниот период ќе треба се формираат мобилни тимови од лекари и медицински персонал за полесно и поефикасно справување со пандемијата.