Џемаљ Мехмеди директорот на О.У. „Братство и единство“ во јавноста пласира информации дека од ова училиште годишно се испишувале по 60 ученици Македонци, затоа што родителите на овие деца не сакале нивните деца да учат со ученици Египќани. Но, на оваа изјава од Мехмеди се спротиствавуваат угледни политичари и велат дека станува збор за политичка пропаганда.
Директорот Џемаљ Мехмеди во изјава за ТВ21 вели дека родителите Македонци ги испишувале децата токму заради соучениците Египќани, а не заради соучениците Албанци и Турци кои исто така учат во ова училиште.
фото: PRTSC ТВ 21
Јавноста во Охрид во овој телевизиски прилог и изјавите на директорот Џемаљ Мехмеди веќе препозна политичка пропаганда осмислена од една политичка партија со цел да се креира лажна слика за постоење одредени тензии и нетрпение на Македонците кон Египќаните и сето тоа на три месеци пред Локалните избори и во период кога заедницата на Египќаните зајакнува како никогаш до сега, станува политички фактор, нејзината активност добива конкретна институционална форма, а во Охрид и во нашето општество Египќаните со сопствени сили и памет полека излегуваат од маргините на општеството и сами се менуваат и стануваат фактор во градот Охрид.
Рубин Земон, поранешен пратеник и претседател на ПОЕН, по овие изјави во јавноста побара кривична одговорност за директорот Џемаљ Мехмеди и негово разрешување од оваа позиција.
„Ова е типичен пример на поттикнување на етничка нетрперливост,гетоизација и стигматизација која е искажана преку јавен медиум. Веднаш треба да се разреши од позицијата директор на О.У. Братство Единство и да се превземат законските мерки за говор на омраза.“ – потенцира Рубин Земон,истакнат научник од областа на Етнологијата и припадник на Египќанската етничка заедница.
Земон потенцира дека нетрпеливост меѓу Македонците и Египќаните никогаш немало, ни во поновата историја ни во подалечното минато и дека е симптоматично како и зошто се пласира оваа неточна информација во јавноста и која е крајната цел.
„ Ако институциите не реагираат, ќе се информираат сите тела и механизми, државни и меѓународни за заштита на човековите права и борбата против расизмот и нетолеранцијата“ – вели Земон и додава:
„Ученици нема ни во училиштето Свети Климент Охридски. Таму учат само Македонци, нема други, па и таму нема. Бројот на деца е намален во сите училишта и тоа е факт, се останато е неточно и злоупотреба со одредена цел“ потенцира Земон кој најави дека ќе се бара одговорност за директорот и ќе се алармираат сите надлежни институции од Локалната до централната власт.
Од здруженијата на Египќаните велат дека ќе бараат смена на директорот и негова кривична одговорност за ширење на омраза преку медиуми,а исто така велат дека надлежните институции ќе мора да ги испитаат мотивите на овие изјави и ширењето омраза на етничка основа и која е краната цел на директорот.
За скандалозниот настап на директорот Џемаљ Мехмеди информирана е и министерката Мила Царовска, а реагирно е и кај градоначалникот Константин Георгиевски.
Од Локалната самоуправа до овој момент не ги искоментираа изјавите на директорот.
Извор : news1.mk