ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ФОТОГРАФИЈА ВО ОХРИД

Градоначалникот на Охрид , Константин Георгиески вечерва во ЦК „Григор Прличев“ присуствуваше на отворањето на манифестацијата „ Денови на Македонската фотографија“ што ја организира  „Фото сојузот на Македонија“ којшто годинава одбележува 75 години од постоењето.

За значењето на овој културен настан градоначалникот Георгиески рече:

– Во Охрид, градот на испреплетена култура и  историја кој истовремено е јадро на словенската писменост повеќе од разбирливо е дека ќе се организираат вакви  културни настани како вечерашниов со кој „Фото сојузот на Македонија“  како најстара и најмасовна организација од областа на фотографијата одбележува 75 години од своето постоење.  Уште поголемо е задоволството што по пет години повторно  со  оваа изложба Охрид е домаќин на манифестацијата  „Денови на Македонската фотографија“ што континуирано се организира 59 години. Преку објективот на македонските фотографи се овековечени битни моменти од тековнава година , а изложените  фотографии стануваат нераскинлив дел од културно – историските вредности на нашава земја.   Без постоење на фотографијата како уметничка форма всушност не би можеле да ги разбереме универзалните цивилизациски вредности коишто со векови се напластувани во долгиот цивилизациски oд на народите. Почестени сме  да бидеме  домаќини  на оваа  изложба, којашто се надевам дека во  наредниве 10 дена  ќе претставува интригантен културен настан за пошироката јавност.  Секако, јас се надевам дека древнините на нашиот убав Охрид во кој се чувствува милениумскиот спокој како многупати така и сега ќе бидат овековечени од нашите драги фотографи – истакна Георгиески

Манифестацијата „Денови на Македонската фотографија“ се организира 59 години , а  вечерашната изложба претставува резиме на македонското фотографско творештво во тековната година и е најстара фотографска манифестација во Р. Северна  Македонија .

Изложбата се одржа  во согласност со сите здравствени мерки и протоколи за заштита од вирусот КОВИД 19 и за пошироката јавност ќе биде отворена до 10-ти јуни.