СЕ ЧИСТИ И УРЕДУВА КРАЈБРЕЖЈЕТО ВО ЛАГАДИН

Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ започнаа со чистење и уредување на дел од крајбрежјето во потегот на месноста „Лагадин“, каде што претходно се работеше на отстранување на бесправните објекти.

Денеска се изведуваат активности за отстранување на поситни остатоци од бетон и други градежни материјали, а се врши и уредување на дивата вегетација и кастрење на дрвјата.

На овој потег во текот на наредниот период, планирано е да бидат засадени и нови садници на дрвја.

Минатата седмица екипите на ова јавно претпријатие беа ангажирани и за хортикултурно уредување на потегот на плажата „Горица 3“, каде што се засадуваше трева и се вршеа подготвителни активности за засадување на украсно зеленило.