СЕ РЕХАБИЛИТИРААТ УЛИЦИ ВО СТАРИОТ ДЕЛ НА ГРАДОТ

Со цел да се санираат оштетувањата и да се подобрат условите за движење на возила и пешаци, Општина Охрид спроведува градежни активности за рехабилитација и санација на дел од улиците и пешачките патеки во стариот дел на градот.

Деновиве се работи на улицата „Самоилова“ каде што се врши прередување на старите гранитни плочки и поставување на нова тампон основа. На деловите каде што има поголеми оштетувања се поставуваат нови гранитни плочки.

Откако ќе финишираат активностите за рехабилитација на улица „Самоилова“ ќе започнат градежни активности за рехабилитација на улицата „Коста Абраш“ како и на други улици каде што се евидентирани оштетувања. Се очекува да бидат рехабилитирани и прередени 2500 метри квадратни.

Овие активности се дел од програмските планови за партерно уредување и за оваа намена од буџетот на Општина Охрид се предвидени 1,2 милиони денари.

Во текот на претходниот период со средства на Општина Охрид во стариот дел на градот беше извршена изградба на потпорни ѕидови на две локации.