Екипите на ЈП “Охридски Комуналец” рано наутро во неделата извршија вонредно чистење и подигнување на кабаст отпад кој несовесни граѓани го исфрлиле на несоодветни локации во селото Пештани.
Беа подигнати големи количини на кабаст отпад, делови од мебел и покуќнина, килими, пластични и картонски амбалажи и други видови на отпадни материјали.
Ова не е прв случај на несоодветно депонирање на отпад од страна на граѓаните. Екипите на ова јавно претпријатие секојдневно подигнуваат кабаст отпад од други јавни локации во градот и приградските населби.
Оттаму ги информираат граѓаните дека доколку имаат кабаст отпад кој треба да го депонираат, истиот треба да го пријават, за комуналните екипи да можат навремено и соодветно да го подигнат.
Општина Охрид упатува јавна осуда до сторителите на вакви еколошки престапи и најавува засилени инспекциските контроли на терен, со цел да се спречат и санкционираат сторителите. Се упатува апел до граѓаните да покажат повисоко ниво на еколошка свест и да не го исфрлаат отпадот на несоодветни локации.
На оваа ситуација не останаа рамнодушни многу охриѓани, ниту пак директорот на Ј.П Охридски Комуналец, Љупчо Грданосски- кој со коментар на својот фб профил го искритикува ваквото однесување на пештанци.