Билјанини Извори — извор на вода во Охрид, најпознат по легендите поврзани околу него.
Билјанини Извори всушност е преливот на вода во базенот што се наоѓа над отворите каде што таа истекува.
Еден дел од базенот се користи за потребите на водоводот во Охрид, еден дел за потребите на Хидробилошки завод за вештачко одгледување рибен подмладок и за обезбедување чиста вода.
Откако ќе се задоволат тие потреби, вишокот на вода се излива над отворите на Билјанини Извори.Разгледница од 1930 година
Наоѓалиштето кај Билјанини Извори и самите извори преку лето го посетуваат до сто илјади домашни и странски туристи.
Легенда
За бистрата вода на Билјанините извори, македонскиот народ пропеал многу песни. Имено, некогаш во дворецот под езерото кај Студенчишта, живеела вилата Езерка, ќерка на дедо Караорман.
Вилата Езерка царувала над езерото и постојано им пречела на рибарите, превртувајќи ги нивните чамци а уловената риба ја враќала во езерото.
Таа била многу завидлива и еден ден ја грабнала убавата мома Билјана, внука на дедо Чун. Ја однела во својот дворец за да си поигрува со неа.
Убавата Билјана цела ноќ плачела од тага и нејзините солзи се претвориле во извори, кои понатаму биле наречени Билјанини извори. Дедо Чун за да ја победи вилата Езерка направил голем чамец.
Од една страна веслале 6-7 луѓе, а само еден крмел. Вилата Езерка не можела да го преврти овој голем чамец и со него дедо Чун ја спасил убавата Билјана.
Така, по дедо Чун големиот чамец го нарекле чун кој по својата лика е единствен на светот.