Вечервечер на летната сцена „Долни Сарај“ по четврти пат се одржа Интернационалниот фестивал „Денови на Балканската култура, традиција и уметност во Охрид“ поддржан од општината Охрид и Амбасадата на Бугарија во Република Северна Македонијa.
На настанот присуствуваше и свое обраќање имаше градоначалникот Константин Георгиески.
– Ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во името на Локалната самоуправа да ве поздравам и да го означам почетокот на овој културен настан, кој има за цел да ги поврзе и обедини балканските народи, во насока на зачувување и негување на нематеријалното културно наследство.
Ова е една исклучителна можност на едно место, преку креативна сценска програма на отворено, да се видат и да се почувствуваат традицијата и фолклорот кои се негуваат со голема љубов и посветеност.
Особено не радува фактот што Охрид како најважен духовен и културен центар во нашата држава е домаќин на голем број слични културни манифестации, кои ја збогатуваат туристичката понуда на градот и го привлекуваат вниманието на гостите.
Би сакал да упатам благодарност до организаторите на оваа културна манифестација и до Амбасадата на Република Бугарија во Република Северна Македонија, како главен поддржувач на нејзиното одржување.
Охрид е надалеку познат по својата убавина, ова е град кој претставува своевиден бисер не само за нашата држава туку и за целиот свет, па затоа неговото природно и културно богатство е под закрила на УНЕСКО.
Охрид е една жива разгледница и вистинска привилегија е можноста да се доживеат сите негови убавини. Затоа ве поканувам, вашиот престој тука да го искористите за посета на впечатливите културни знаменитости и да уживате во сите природни убавини на нашиот град, рече Георгиески во обраќањето пред присутните.
Во рамки на програмата беа презентирани повеќе културни обичаи преку традиционалните народни игри на балкански друштва од Албанија, Бугарија и Северна Македонија.
Културниот настан е во организација на Здружението за култура и уметност „Артвивенди“ од Охрид и е дел од проектот „Зачувување на нематеријалното културно наследство“.