Туристичките потецијали на Охрид денеска беа презентирани пред туроператори, истакнати туристички работници и претставници на Комората за туризам oд Полска, кои престојуваат во неколудневна промотивна посета на градот.
Во рамки на програмата на официјалната презентација на природните и културните знаменитости на Охридскиот регион, свое обраќање пред присутните имаше градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.
– Особено ме радува можноста пред сите вас да зборувам за нашиот туристички бисер кој е надалеку познат по својата убавина. Ова е град со уникатна природа и непроценливо културно богатство, кое е препознаено како светско наследство заштитено од УНЕСКО.
Никој не може да остане рамнодушен чекорејќи по плочниците на стариот дел на градот, по кои е испишана неколку милениумската историја. Неповторливо уживање е разгледувањето на древните цркви и културни знаменитости, искомбинирано со прекрасните панорами на Охридското Езеро, чија површина магично се прелева во сите најубави нијанси на сина боја. Охрид е препознатлив и како лулка на писменоста каде твореле браќата Свети Кирил и Методиј, а потоа и нивните ученици Свети Климент и Свети Наум Охридски, па затоа во туристичкиот свет го носи и епитетот „Балкански Ерусалим“, рече Георгиески
Среќни сме, што од година во година, Охрид прераснува во една исклучително атрактивна туристичка дестинација, која се почесто се наоѓа на препорачаните светски листи за нови и неоткриени туристички локалитети и како место кое задолжително мора да се посети.
Можеме да се пофалиме со голема понуда на современи сместувачки капацитети, кои заедно со долгата туристичка традиција, создаваат услови за развој на модерен туризам.
Во согласност со светските туристички текови постојано работиме на поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам и креирање на алтернативна понуда за туристите, како што се посета на рурални подрачја, планинарење, велосипедски тури, летање со палаглајдер, нуркање и спортови со пловни објекти.
Кризата кој ја предизвика пандемијата од Ковид 19 остави големи последици врз туристичкиот сектор, па затоа во иднина значително ќе се заложиме за подобрување на состојбите во оваа сфера.
Горди сме што врз основа на добрата промоција и заинтересираноста на полските туроператори, веќе ги имаме првите добри показатели за оваа туристичка сезона. Со два чартер летови веќе пристигнаа првите полски туристи кои ќе летуваат на охридската ривиера, а очекуваме нивниот број да се зголемува во текот на наредните месеци.
Убеден сум дека од овој состанок, на кој се присутни значајни личности и експерти од туристичкиот сектор на Полска, ќе произлезат конкретни можности за продлабочување на соработката и поголем број на полски туристи кои ќе доаѓаат на одмор во Охрид, истакна градоначалникот во своето обраќање.
Во рамки на презентацијата беше отворена и дискусија на која се разговараше за поединечни детали околу условите за престој и останатите можности за соодветно креирање на туристичките пакети, кои би биле привлечни за полските туристи.
Исто така, беше разговарано за важноста од воспоставување на сезонски авионски линии помеѓу охридскиот аеродром и аеродромите во Варшава и Катовице.