Пештанци со децении протестираат барајќи правда за денационализираниот имот на атрактивниот автокамп Градиште во Охрид. Најнапред започнаа со штрајкови со глад, потоа со блокади пред влезот од кампот и слично.
Денеска Протестот ќе се одржи под мотото: „Правда за Градиште – вратете ни ги имотите“, а не е исклучено „востанието за имотите“ да прерасне во општ еколошки бунт, бидејќи проблемот, покрај што задира во сопственичките односи, истовремено, е точка на која еколозите постојано укажуваат, ставајќи ја оваа атрактивна област во контекстот на загрозеното културно и природно наследство, под патронатот на УНЕСКО, и овој пат упатуваат ултиматум дека ова им е последниот мирен протест, револтирани, како што велат, од игнорантскиот однос и бавниот процес на денационализацијата. Стрелите им се упатени кон Државната комисија за денационализација, Министерството за финансии, Управниот суд…
Повеќе од 100 наследници од 36 семејства, што во Градиште поседувале имот со вкупна површина од 150.000 метри вреден 30 милиони евра, се незадоволни од работата на општинската комисија за денационализација, која според нив, неоправдано ја одолговлекува постапката за решавање на нивните барања за враќање на имотите.
– Бараме Законот за денационализација што го донесе парламентот доследно да се примени. Ние сме оштетени и не можеме да ги оствариме нашите права, велат пештанци.
Спорниот имот бил национализиран во 1957 година. Сопственик на имотот е државата, а корисник фирмата АД ИНЕКС Горица. Наследниците велат дека фирмата се приватизирала во 2002 година и покрај тоа што две години пред тоа била почната судска постапка за враќање на имотите. Наведената фирма, просторот го дала на закупец кој пак, продолжил со издавање на просторот и објектите.