Планетата Земја се загрева повеќе од очекуваното

Европската служба за климатски промени, Коперникус од Лондон соопшти дека со 2020 година заврши и досега најтоплата евидентирана декада. Службата Коперникус користи сопствни податоци и други извори како мерењата кои ги вршат метеоролошки станици на земјата, балони, авиони и сателити, кои достигаат до 1950 година. Во Европа 2020 била во просек 1,6 степени Целзиусови потопла отколку годините во периодот од 1981 до 2010 година и за 0,4 степени потопла од досегашната рекордна според температурите 2019 година. Доколку се направи споредба со температурите од прединдустриската ера, лани ланската година била потопла дури за 1,25 степени. 

КАКО КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ СЕ ОДРАЗУВААТ ВО ЕВРОПА?

Во летото 2019 година се забележани топлински рекорди низ целиот европски континент. Во јули, во Германија беше измерена највисоката температура досега од 42,6 Целзиусови степени. Франција го урна својот рекорд на горештина двапати во 2019 година, со највисока измерена температура од 46 Целзиусови степени во јули. Климатските промени ја зголемуваат фрекфенцијата на топлотните бранови.

Во ноември 2019 година, италијанскиот град архипелаг Венеција доживеа повеќе поплавувања и високо ниво на водата од 1,5 метри, кое беше достигнато трипати во една недела, за прв пат во историјата. Прогнозираното покачување на нивото на морето како резултат на климатските промени може во иднина да ги направи овие настани уште почести

Истиот топлотен бран што донесе рекордни температури во Франција ги предизвика најлошите шумски пожари кои ја погодија Шпанија во последните 20 години. На шпанскиот остров Гран Канарија, пожарите во август го уништија националниот парк на популарниот туристички остров. Повисоките температури и сувиот воздух како резултат на климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари.

Комбинацијата од суша, невреме и екстремна топлина ги осиромашува германските шуми. Според БДФ, група за заштита на шумите, во Германија, повеќе од 1 милион дрва умреле од 2018 година. „Ова веќе не се поединечни невообичаени временски настани. Ова се климатските промени“, вели претставник на БДФ.

Глечерот на италијанската страна на Мон Блан доживеа забрзано топење во 2019 година. И ентузијастите одржаа „погреб“ за глечерот Пизол на швајцарските Алпи, кој речиси целосно исчезна. Научниците велат дека климатските промени го забрзуваат топењето на глечерите на Алпите.

Сушата во Германија две години по ред силно ги погоди земјоделците. Во 2018 година, рекордната суша предизвика големи загуби кај земјоделските култури, а топлотните бранови во 2019 година, дополнително ги оштетија земјоделските култури. „Климатските промени значат почести суши и екстремни временски услови во Германија“, изјави потпретседателот на германската служба за временски услови Паул Бекер.