Стартува системот ЕЕС: Од 10 април без печати во пасошите

Од денеска, 10 април, Европската Унија официјално започнува со целосна примена на ЕЕС (Entry/Exit System) – новиот дигитален систем за евиденција и контрола на влезот и излезот на државјани од земји кои не се членки на ЕУ. Новиот начин на гранична контрола важи и за македонските граѓани и целосно ја заменува досегашната практика на рачно ставање печати во пасошите со електронска и биометриска евиденција.

Системот, кој досега се применуваше постепено и во фази, автоматски ќе го евидентира времето и местото на влез и излез, должината на престојот, како и евентуалните забрани за влез во земјите на ЕУ. Целта е зголемување на безбедноста и поефикасна контрола на надворешните граници на Унијата.

Што претставува ЕЕС и зошто се воведува
ЕЕС е централен, автоматизиран ИТ-систем на Европската Унија, наменет за модернизација на граничните контроли за државјани од земји кои не се членки на ЕУ и влегуваат во Шенген зоната за краткорочен престој до 90 дена во период од 180 дена.

Системот овозможува електронска евиденција на датумот и местото на влез и излез, обработка на биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија), подобра проверка на почитување на правилата за престој, зголемена безбедност и намалување на злоупотребите.

Воведувањето на ЕЕС започна на 12 октомври 2025 година, а од 10 април 2026 година системот е целосно имплементиран во сите земји-членки. Во периодот од октомври 2025 до април 2026 година, примената на ЕЕС се одвиваше постепено. На одредени гранични премини и за конкретни категории патници, печатите во пасошите сè уште се користеа.

Со 10 април, транзицискиот период завршува и сите надворешни гранични премини на ЕУ функционираат исклучиво со дигитална евиденција, со што печатите во пасошите дефинитивно заминуваат во историјата.

Што значи ЕЕС за македонските граѓани
За македонските граѓани кои патуваат без виза во земјите на ЕУ и Шенген зоната, новиот систем значи изменет процес на гранична контрола, особено при првото патување по целосната примена на ЕЕС.

При првиот влез, на граничните премини со Бугарија, Грција или на аеродромите, ќе се спроведе комплетна регистрација што вклучува:

фотографирање
земање отпечатоци од прсти
дигитално внесување на податоците од пасошот
Иако процесот може привремено да го забави протокот, при наредните патувања контролите ќе бидат побрзи, бидејќи податоците ќе бидат веќе зачувани во системот.

МВР: Преземени се сите мерки
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека македонската гранична полиција е целосно подготвена за примена на новите правила.

„Преземени се сите потребни мерки и активности, ставени се во функција сите материјално-технички и човечки ресурси, со цел да се обезбеди брз и непречен проток на патници на граничните премини“, соопштија од МВР.

Каде се применува системот ЕЕС
ЕЕС се применува на надворешните граници на 29 европски земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.

Покрај ЕЕС, Европската Унија планира и активирање на ЕТИАС – Европски систем за информации и одобрение за патување. Тој ќе важи за државјани од земји кои патуваат без виза, со симболична такса од седум евра. Од институциите нагласуваат дека не станува збор за визен режим, туку за дополнителна безбедносна проверка.

DW